По децении негрижа ќе се реконструира „Расадник“

71

Во финална фаза е нарачаниот проект од Општина Кисела Вода, која од минатата година по долг и мачен процес, правно и без долгови ја презеде од Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт. Министерот за спорт, Борко Ристовски, истакна дека откако проектот ќе биде готов, веднаш ќе се започнеме со работа со цел „Расадник“ што поскоро да биде повторно дом на спортот и расадник на идните спортски легенди

По децении негрижа од поранешното раководство ќе се реконструира салата „Расадник“. Ова, денеска, на прес-конференција го најавија градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски заедно со министерот од новоформираното Министерство за спорт, Борко Ристовски.

Во финална фаза е нарачаниот проект од Општина Кисела Вода, која од минатата година по долг и мачен процес, правно и без долгови ја презеде од Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт. По изготвувањето на проектот, ќе може да се премине кон градежни активности кои треба да им го вратат на граѓаните овој култен дом на спортот од кои скопјани имаат прекрасни спомени. Проектот, кој се очекува да чини околу 1,5 милиони евра, ќе биде финансиски покриен од Министерството за спорт.

– Оваа спортска сала има посебно место во срцата на нашите граѓани. Таа беше дом на култниот тим „Вардар” и сведок на многу славни спортски моменти. За многумина од нас, таа е симбол на спортскиот дух, заедништвото и успехот и затоа, нашата цел е да и го вратиме загубениот сјај и таа повторно да биде место каде што ќе се пишуваат нови спортски истории. Очекувам дека ваквите проекти ќе станат чести во иднина и оти ќе имаме уште многу можности да инвестираме во спортската инфраструктура за доброто на нашите граѓани – изјави Ѓорѓиевски.

Тој како што кажа, со нетрпение очекува реновираната сала „Расадник“ да ги отвори своите врати и повторно да стане дом на тимот „Вардар”.

Министерот за спорт, Ристовски истакна дека откако проектот ќе биде готов, веднаш ќе се започнеме со работа со цел „Расадник“ што побрзо да биде повторно дом на спортот и расадник на идните спортски легенди.

– Нашата цел е овој простор да стане модерен спортски центар кој ќе го негува спортскиот дух и ќе ги инспирира идните генерации – изјави Ристовски најавувајќи дека како министер за спорт, ќе работи на реализација на капитални спортски инфраструктурни проекти и на поддршка на спортот и спортистите.