По четиридневниот прекин во целата земја: Половина од потрошувачите во главниот град на Куба добија струја

19
CUBA BLACKOUTS

Потрошувачите во половина од Хавана, главниот град на Куба, денеска добија струја по четиридневниот прекин на струја во целата земја, соопшти електростопанството на кубанската престолнина, пренесува Anadolu.

„Околу 50 отсто од потрошувачите сега имаат струја“, се наведува во извештајот на Електростопанство објавен од државниот портал за вести Cubadebate.

Десетте милиони жители на островот останаа без струја во петокот, откако падот на најголемата електрана на јаглен во Куба ја оштети мрежата, изјави Лазаро Гуера, шеф за снабдување со електрична енергија во Министерството за енергетика.

Во саботата претпладне имаше нов дефект во снабдувањето со електрична енергија низ државата.

Пристигнувањето на тропската бура Оскар во неделата навечер ја влоши ситуацијата. Обилните дождови и ветрови погодија милиони Кубанци.

Властите го обвинуваат американското ембарго

Кубанските власти прогласија „енергетска вонредна состојба“, ја прекинаа наставата во образовните институции и дел од јавните служби.

Откако луѓето излегоа на улиците да протестираат поради прекинот на електричната енергија, кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел рече дека работат на ублажување на ситуацијата, но предупреди дека нема да „дозволат вандалски акти“.

Кубанската влада соопшти дека се очекува струјата да биде вратена во поголемиот дел од земјата до вторник.

Прекинот на струја ја влоши и онака лошата ситуација на Кубанците кои се борат со високата инфлација и недостигот на храна, лекови, гориво и вода.

Дијаз-Канел го обвини американското трговско ембарго за прекините на струја, велејќи дека тоа го отежнува снабдувањето со гориво за електраните.

Министерот за надворешни работи Бруно Родригез рече дека „ако се укине ембаргото, нема да има затемнување“.