По 60 години ќе се реконструира улицата „Моша Пијаде“

77

Граѓаните на улицата „Моша Пијаде“, која е долга речиси 1,5 километри, имаат можност да достават забелешки, идеи и предлози во однос на нејзината реконструкција. Од Општина Куманово информираа дека средствата за реконструкција се обезбедени преку Светска банка, а дел ќе финансира и Општина Куманово.

– За потребите на проектот за поврзување на локалните патишта, кој е финансиран со средства од Светска банка, Општина Куманово аплицираше со потпроект, за што е подготвена контролна листа на план за управување со животната средина и социјалните аспекти, согласно со стандардите за животната средина и социјалните аспекти на Светска банка 1-10 – објаснија од Општината.

Оттаму ги повикаа граѓаните да достават предлози, коментари, забелешки и свои идеи најдоцна до 18 февруари годинава. Формуларите може да се најдат на веб-страницата на Општината.

Претходно, локалната самоуправа организираше две јавни дебати и презентации на проектот, на кои присуствуваа и граѓани и дуќанџии на една од најстарите улици во Куманово.

– Проектот ќе вклучува реконструкција на фекалната и на водоводната мрежа на дел од улицата, од почетокот, сè до крстосницата со „Пиринска Македонија“, околу 490 метри. По завршувањето на проектот, веќе нема да има кабли по бандерите. Предвидено е и осветлување со штедливи светилки, ќе се уредуваат крошните и корењата на дрвјата. Исто така, ќе се уредат паркинг-места и пешачка зона, а ќе се постават и седум сета полуподземни контејнери – изјави раководителката на Одделението за меѓународна соработка и евроинтеграции, Марија Бабан.

При изработката на техничката документација биле вклучени речиси сите јавни претпријатија од Куманово, оператори и други фирми. Министерството за транспорт го објавува тендерот, а краен корисник е Општината. Улицата не е реконструирана шеесет години.

ИЗДВОЕНИ