Намалувањето на платите на функционерите, според градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, е едно од решенијата против аерозагадувањето.

– Ако сите ние во законска рамка се согласиме да ни се намалат платите по 12.000 денари и притоа истите никако да не се зголемуваат, би генерирале заштеди во висина од 24.000.000 денари месечно (околу 400.000 евра), или тоа се 4,8 милиони евра годишно. Овие средства ќе бидат сосема доволни за имплементација на итни мерки, субвенции за населението, особено за цената на гасот, котли за гас, продолжување на секундарната гасификација, говорам за Струмица – вели Костадинов.

Неговото обраќање доаѓа по протестниот марш во неделата против енормното загадување на воздухот во Струмица, што го организираа екологистите и препукувањата меѓу политичките партии за тоа кој е виновен за загадувањето во Општината.

Според струмичкиот градоначалник, во услови на екстремни цени, има реална можност да се прогласи економска криза, мерка со која би се замрзнале платите на функционерите.

– За да не бидам погрешно разбран и јас барам мојата плата да биде намалена. Со таквата мерка би биле опфатени над 2.000 функционери – напиша Костадинов.

Тој додаде дека живееме во време кога, тие кои ја имаат честа од граѓаните да ги водат, да направат чекор, со кој ќе скратат од себе си, а за бенефит на нацијата.

Костадинов заклучи дека решението е едноставно и реално можно.

 

ИЗДВОЕНИ