По 40 дена од трагедијата, Кочани и обвинителот во фокусот на пратеничките прашања

78

Овој викенд се навршуват 40 дена од загинувањето на жртвите во пожарот од кочанската дискотека која што се случи на 16 март. Разочарани од како што велат селективната истрага за несреќата, семејствата на загинатите и повредените најавија дека секоја сабота мирно ќе протестираат барајќи од надлежните инстутуции правда.

„Ги разбирам родителите, знам колку беше за мене тоа стресно. Веднаш отидовме во Кочани тоа утро, тоа што го видовме беше лично пеколот и ужасот, но поголем беше притисокот кога знаете дека имате повеќе од 200 повредени кои лесно може да ги загубат животите и факт е дека тоа утро се носеше одлука која имаше голема политичка, но и човечка димензија, изјави премиерот Христијан Мицкоски како одговор на протестот на семејствата и ги отфрли наводите од опозицијата дека се апсат луѓе од минатите, но не и од оваа власт.

Официјално истрагата сеуште трае, се прави распит на сведоци кои биле во дикотеката, а ќе има фаза во истрагата кога ќе бидат испрашани и родителите на жртвите во својство на оштетени. Од ОЈО за весникот Вечер велат дека тимот од 13 обвинители ги разгледуваат анализите од вештачењата, а шефот Љупчо Коцевски се информира по потреба и тој е во тек со сите преземени дејствија.

Вчера пак на пратеничките прашања во Парламентот власта и опозицијата си префрлуваа за Државниот обвинител и истрагата во Кочани.

-Истрагата за Кочани ја води јавниот обвинител, не јас или Владата. Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат – рече премиерот Христијан Мицкоски во дел од одговорот на пратеничкото прашање од пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ кој обвини дека истрагата за трагедијата во Кочани се води селективно и праша дали нејзиното свесно разводнување има за цел да се заштитат актуелни функционери кои се директно виновни за непосредните причини за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, а со тоа и за смртта на 62 лица.

Премиерот додаде дека нема да постои дилема за приведување високи владини функционери ако тоа е по налог на Обвинителството. Додаде дека истрагата за пожарот во Кочани ја води води обвинител кој бил избран на предлог на владата на СДСМ и ДУИ, што, според него, го покажува врвот на демократијата.

„Ако обвинител каже дека треба да апси и приведува високи владини функционери од оваа влада, ќе се слушне тоа. На крајот од денот, еден член на Владата е во притвор. Во ваше време тоа беше невозможна мисија. Актуелен градоначалник е притворен, во време на СДСМ тоа беше невозможна мисија“,кажа Мицкоски од говорница.

Во однос на обвинувањето на пратеникот од СДСМ дека по повеќе од еден месец од трагедијата во Кочани ниту еден владин функционер не поднел оставка од морални причини, премиерот возврати оти пратеничката група на СДСМ има најмалку право да зборува за морал, додавајќи дека на претстојните локалните избори граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, а чија продолжува и во каква форма.

Дополнителен гнев кај семејствата на загинатите во Кочани предизвика судската одлука на предлог на ОЈО поголем дел од притворените, пред велигденските празници да бидат пуштени во домашен притвор, меѓу нив и поранешниот градоначалник Љупчо Папазов. Во истрагата опфатени се вкупно 60 луѓе, од нив 20 се во истражниот затвор. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ