До пролет или до летото ќе биде избран изведувач на новиот автопат од Кичево до Букојчани, за чија изградба е обезбеден поволен кредит од Европската банка за обнова и развој и неповратни средства исто така од ЕБРД. Уште оваа делница од околу 12 километри недостига за целосно автопатско поврзување од Скопје до Охрид.
– Ние сега градиме автопат од Охрид до Кичево, а исто така се гради автопат и од Тетово преку Гостивар до Букојчани со што го решаваме превојот Стража. Тоа што недостасува е од Букојчани до Кичево. Решивме да го градиме и да имаме целосно автопатско поврзување од Скопје до Охрид и Струга, секако и Кичево. Успеавме со ЕБРД да обезбедиме доста поволен кредит, проценетата вредност е 123 милиони евра, а тоа што ме радува е што обезбедивме 20 милион евра грант или подарок, што не е мала работа, тоа е 20% од самиот пат. Во моментов имаме преткфалификација, очекувам пролет до лето да се избере изведувач и на крај на 2028 година кога ќе заврши делницата Тетово – Гостивар – Букојчани, да се заврши и делницата Кичево – Букојчани. Веќе следната година ќе биде готов од Охрид до Кичево и на тој начин ќе имаме целосно поврзување. Должината е околу 12 километри, но теренот е исклучително тежок, предизвикувачки е за инженерите да се совлада, но се нафативме и ќе го решиме – вели вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
Тој најави дека веќе се прават законски измени кои следната недела веќе ќе се разгледуваат на владина седница, а со кои ќе се олесни изградбата на aвтопатот Кичево – Охрид.
– До пред почетокот на летната сезона ќе пуштиме во сообраќај 40 километри од автопатот од потегот на Врбјани до Охрид, со мал пресек кај Ботун, заради косини што дополнително ќе се стабилизираат – истакна Николоски.
(С.Бл.)