По повеќе од еден век одложувања, Солун конечно го добива своето метро. Симулациите за тестирање веќе започнаа, а на 30 ноември жителите и посетителите на вториот по големина град во Грција ќе можат да одат на работа, дома или да се прошетаат со метро, за кој ќе имаат право да се гордеат, затоа што е најмодерно во Европа.
Изградбата на метрото за прв пат беше предложена во 1918 година, а идејата беше официјално потврдена кога проектот беше вклучен во буџетот во 1976 година. Првата дупка (која на крајот не беше искористена) беше ископана во 1987 година, а лицитацијата за градба е одржана дури во 1992 година. Договорот за концесија беше ратификуван во парламентот на 1 април 1999 година, со кој се предвидува период од 16 месеци за извршување на подготвителните работи. Сепак, се покажа како првоаприлска шега, бидејќи до 2002 година конзорциумот не успеа да ги обезбеди потребните средства, а Европската инвестициска банка не одобри кофинансирање.
Во септември 2003 година, официјално беше одлучено метрото во Солун да се изгради како јавен проект, со финансирање од Грција и од Европската Унија. Пет конзорциуми, со значајни грчки и странски компании, пројавија интерес за тендерот што беше објавен во јуни 2004 година, а четири од нив продолжија понатаму. Конзорциум AEGEK – Impregilo – Ansaldo T.S.F. – Сели – Ансалдобреда е избрана за финален изведувач во 2006 година, со буџет од 1,052 милијарди евра.
Во средата наутро, всушност, беше откриено логото на солунското метро – со мала буква „μ“ во круг, што потсетува на тунелите на метрото, а целта е да се отслика историјата на Солун и да се поврзе со денешницата преку модерен форма на јавен превоз. Логото го спојува минатото со современото, минималистичка естетика, поради што е избрано малото „μ“, кое може да се чита и како големо „М“, објасни раководителот на архитектонскиот оддел во компанијата „Хеленик метро“, Хрисула Кустени, пренесува Прототема.
Должината на линијата на метрото во Солун е 9,6 километри и има 13 станици и едно складиште на возниот парк каде што ќе се паркираат возовите по завршувањето на сообраќајот.
Сообраќајот ќе се одвива со 18 автоматски возови од најновата генерација, без машиновозачи, целосно климатизирани, а за максимална безбедност на патниците, на пероните на секоја станица ќе бидат поставени автоматски врати.
Возовите првично ќе сообраќаат три и пол минути, а потоа интервалите постепено ќе се скратуваат. На крајот, патувањето помеѓу две метро станици ќе трае околу минута и половина.
Дневно ќе сообраќаат 18 автоматски возови со просечна брзина од 30 километри на час, поминувајќи го растојанието меѓу терминалните станици за 17 минути, превезувајќи 18.000 патници на секој час.
Се очекува метрото дневно да превезува 313.000 патници, што ќе придонесе за решавање на сообраќајниот проблем во градот.
Министерот за инфраструктура и транспорт Никос Тахиадос објасни дека метрото во првата фаза ќе го реши проблемот со пристапот до центарот на Солун. На овој начин ќе се олеснат сите улици кои водат кон центарот на градот, што ќе и овозможи на градската управа на Солун да продолжи со плановите за одржлива урбана мобилност.
Вкупната вредност на проектот е 2,082 милијарди евра, а цената на билетот, како што најави министерот за инфраструктура и транспорт, Христос Стаикурас, ќе биде половина од онаа во Атина и ќе изнесува 0,60 евра.