Воздухот насекаде во Македонија е нездрав за дишење, особено во вечерните часови. Речиси и да нема населено место каде што концентрациите на отровните честички ПМ 10 не се над дозволените гранични вредности oд 50 микрограми на кубен метар (мг/м3), покажуваат податоците од платформата на Министерството за животна средина air.мoepp.gov.mk.
Најмала концентрација на ПМ 10 честички во воздухот утрово имаше во Битола – 82 мг/м3, а највисока вредност меѓу сите мерни станици во земјава, односно 9 пати повеќе од дозволеното, имаше во Кичево – 446 мг/м3. И во други делови на државата загаденоста, исто така, останува висока: во Струмица 118 мг/м3, во Охрид 99 мг/м3, во Кавадарци 96 мг/м3, во Гостивар 95 мг/м3, а во Битола 82 мг/м3. Поради ветрот што дуваше викендов, загаденоста во Скопје беше помала, но, и покрај тоа, Скопје беше 40. најзагаден град во светот, според листата на платформата „AirVisual“.
Кавадарци секогаш се наоѓа при врвот на најзагадените градови во Македонија. Најголем процент од загадувањето доаѓа од оџаците и од издувните гасови на возилата. Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, смета дека со изградба на обиколницата, која откај селото Марена до висорамнината Витачево треба да биде со должина од 14 километри, ќе се придонесе за намалување на аерозагадувањето, бидејќи многу од автомобилите, вклучително и тешките товарни возила, ќе транзитираат и нема да влегуваат во градот.
Во изјава за МИА, тој појаснува дека со обиколницата се планираат и четири кружни тека, со можност за влез во градот од четири различни локации.
– Заедно со Владата, Министерството за транспорт и врски, со Јавното претпријатие за државни патишта, Општина Кавадарци и Градежниот институт, формирана е комисија што има за обврска, во рок од шест месеци, а изминати се веќе два месеца, со донесена одлука на Влада, да ја определи траекторијата за движење на обиколницата на соодветна локација и да се даде идејно решение за самата обиколница. Значи, некаде околу април би го имале идејното решение. Штом го имаме идејното решение и ја помине ревизијата како идејно решение, се дава на Градежниот институт, затоа што станува збор за стратешки објект, обиколница од 14 километри. Следуваат Градежниот институт преку негово одобрение и ЈПДП со рамковен тендер за проектирање – појаснува градоначалникот и очекува дека во наредната година и пол ќе се започне со градењето на обиколницата.
Инвестицијата е целосно на државата, а изградбата би траела не помалку од две до три години. Јанчев потсети дека неколку направени стручни анализи покажале дека сообраќајот е втор по учество во ПМ 2,5 и 10 честичките во загадувањето на Кавадарци. По затоплувањето и загревањето со енергенси.
– Тоа е сериозно, ова е прав погодок да се тргне тој тежок сообраќај. Нема да биде нула, но лесните сообраќајни возила многу малку загадуваат – вели Јанчев.
Тој најавува, исто така, дека в година ќе ја започнат фазата за градење гасификација.
(С.Бл.)