Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи промовираше тритомно издание на книгата „Плодови на духот“ – збирка беседи и слова од дејноста на ставрофорниот протопрезвитер проф. д-р Ацо Александар Гиревски во Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Книгата е објавена од македонската православна црковна општина „Св. Јован Крстител“ во Капиштец по повод 70-тиот роденден на авторот. Во трите тома се содржани 290 слова на илјада страници и секој том е посветен на посебен вид слова – првиот има 81 празнично, вториот 80 неделни и третиот – 129 пригодни слова.
Промовирајќи го делото на отец Гиревски, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан истакна дека се работи за ретко дело во современата македонска богословска книжевност кое се појавува во вистински миг затоа што е, рече, „голем прилог во скромната литература од оваа област во нашата Македонска православна црква“.
Отецот Гиревски бил во првата генерација дипломирани на Богословскиот факултет во Скопје и својот работен век го поминал на оваа институција – неколку децении бил професор, а осум години декан. Како што рече г.г. Стефан, декан бил токму во периодот кога факултетот бил примен за придружна членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.
Aкадемик и промотор на книгата Катица Ќулавкова, пак, рече дека словата содржани во книгата „ги исцртуваат основните тематски рамки на неговото творештво“.