Новиот Управен одбор на Агенцијата за електронски комуникации ќе ја стопира одлуката за покачување на расходите за бруто-плати за 20 проценти во АЕК. Со предложениот финансиски план за 2025 година, ова тело предвидува приходи од 9,3 милиони денари, што е за 31 отсто помалку во однос на оваа година.
– Јас тоа го дознав од новото раководство во Агенцијата за електронски комуникации, коешто беше избрано во Парламентот пред отприлика две недели, дека раководството на одење потпишало Колективен договор заедно со директорот, кој е кадар на Демократската унија за интеграција, овие кои се грижат за стандардот и се загрижени многу кој е легитимен, кој не е легитимен. Потпишале ваков Колективен договор кој претходно никогаш не бил потпишан, ниту имало потреба од него, кога сите знаеме колкави и какви се примањата во Агенцијата за електронски комуникации – рече премиерот Христијан Мицкоски на пратенички прашања.
Тој најави дека новиот Управен одбор ќе ги преземе сите механизми што им стојат на располагање за да биде овој колективен договор ништовен.
– Колективниот договор, ќе повторам, го потпишало претходното раководство каде што членот, односно претседателот на Управниот одбор е од СДСМ, а директорот кој што во моментот сè уште ја извршува таа позиција е од редовите на ДУИ – истакна Мицкоски.