Ограничување на платите на ниво на инфлацијата и да се избегнат ад-хок зголемувања на минималната плата, со цел да се избегнат дополнителни притисоци врз инфлацијата, советува Меѓународниот монетарен фонд.
Според ММФ, фокусот треба да биде на контрола на тековните трошења. Фондот препорачува да се изостават понатамошните зголемувања на пензиите во септември 2025 година и враќање на систем на пензии заснован на правила во 2026 година – индексирајќи ги само според инфлацијата со што се поддржува фискалната консолидација, а куповната моќ на пензионерите се заштитува.
Во однос на монетарната политика, Мисијата на ММФ и препорачува на Народната банка да не продолжува со натамошното олабавување на монетарната политика и да остане будна на инфлаторните ризици. Монетарците забележуваат дека на порастот на инфлацијата влијаат домашните фактори, па предлагаат Народната банка да остане будна на инфлаторните ризици, вклучувајќи го зголемувањето на платите и пензии, како и зголемени надворешни ризици од неизвесности во трговијата.
Од ММФ оценуваат дека интензивирањето на јавните инвестиции и поддршка на потрошувачката со трансфери од Владата и реалниот раст на платите ќе бидат главни двигатели на растот на домашната економија во 2025 година.