Се чини дека севернокорејските војници испратени на бојното поле во руската област Курск не се толку несмасни и слабо обучени како што се мислеше. Имено, украинските сили кои се борат во Курск ги опишуваат Севернокорејците како многу вешти, бестрашни и мотивирани војници, иако претходно ги нарекуваа „топовско месо“ кои „штом ќе добијат шанса ќе пребегаат“.
– Ако видат дека им се заканува апсење, ќе се разнесат – изјавил за Политико потполковник Јарослав Чепурњи, портпарол на украинската армија.
Двајца севернокорејски борци кои во саботата беа заробени од украинските сили во руската област Курск, беа префрлени на лекување во Киев. Војниците не зборуваат англиски или руски, па затоа украинските специјални служби соработуваат со јужнокорејската разузнавачка агенција за да комуницираат со нив.
– Претпоставувам дека Ким Џонг Ун се сеќава на овие негови граѓани и е во состојба да организира размена за нашите воини кои се затворени во Русија. Во тој случај ние сме подготвени да ги префрлиме тие војници. Без сомнение, ќе има уште воени заробеници од Северна Кореја – изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Елитните сили на Украина продолжуваат да се борат со редовните руски и севернокорејски трупи за да се задржат на дел од регионот Курск што Киев го зазеде во ненадејна офанзива во август.
Околу 12.000 севернокорејски војници се борат на страната на Русија од октомври, а оттогаш Украина наводно изгубила околу половина од 1.250 квадратни километри што ги зазеде во Курск.
Убиени и повредени
Досега се убиени околу 300 севернокорејски војници, а уште 2.700 се ранети, соопшти јужнокорејската влада во понеделникот во Сеул, но овие бројки е тешко да се проверат.
Украинските војници ги опишуваат севернокорејските војници како многу способни и далеку од неискусно топовско месо.
– Млади се, мотивирани, физички подготвени, храбри и добри во ракување со оружје. Тие се и дисциплинирани. Имаат се што му треба на добар пешак – рече Чепурњи.
Јуриј Бондар, украински војник од 80-та посебна воздушна бригада, рече дека севернокорејските војници имаат исклучително добра физичка обука и стабилен морал.
„Непријателот не се предава. Тие се елиминирани на ист начин – граната близу главата и толку. Оние кои остануваат на бојното поле се полеваат со запалива течност и горат“, рече Бондар во објавата на Фејсбук.
Бондар потврди и дека Севернокорејците се многу добри со малото оружје и успешно собориле „изненадувачки голем број“ украински беспилотни летала.
– Покажуваат психолошка отпорност. Замислете, едниот трча и одвлекува внимание, а другиот пука од заседа и го соборува дронот – изјави Бондар.
„Како што рече еден командант, во споредба со севернокорејските војници, платениците на Вагнер изгледаат како деца. И јас му верувам“.