Вчера беше исплатена платата на 4.400 вработени во „Македонски Железници –  Инфраструктура“, „Македонски Железници –Транспорт“ и „Македонска Пошта“. Веста ја обајави министерот за транспорти и врски, Александар Николоски на социјалните мрежи. Тој претходно изјави дека трите државни фирми наместо за 12, ги потрошиле парите за шест месеци.

– Ветувањата се реализираат! Ветив дека 4.400 вработени нема да ги оставам без плата. Плата е исплатена и повикувам на одговорност за претходните раководства за недомаќинско работење. Во мојата четврта недела како министер покажувам дека може поинаку – напиша Николоски на социјалните мрежи.

Претходно министерот рече дека дека останува неизвесно дали овие вработени до крајот на годината ќе добијат плата, а за тоа ги обвини претходните раководства на овие акционерски друштва и јавни претпријатија.

Со ребалансот на Буџетот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати, од кои 1,1 милијарда денари за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет. Во дел од институциите, како двете железнички претпријатија и Поштата, имаше плати само за до јуни месец.

Николовски најави реструктурирање на долговите на „Македонска пошта“ и на „МЖ-Транспорт“ и постигнување на нивна профитабилност за вработените во овие две државни акционерски друштва да можат редовно да земаат плата. Што се однесува до ЈП МЖ-Инфраструктура, кое е државно претпријатие кое е во загуба подолг период, за него ќе може да се помогне од буџетот за да се стабилизира состојбата таму.

– Со планот што го имаме за нив очекуваме стабилна ситуација до крајот на годината и веќе од следната година да зборуваме за развој – најави Николоски.

Според него, недозволива е задолженоста на Македонска пошта и на МЖ- Транспорт и повика МВР и Обвинителство да истражат зошто е тоа така.

– Македонска пошта во моментов има отворен кредит кон една банка, кој,  според мене, е лихварски и тоа моите претходници само го оставале. Со раководството на Пошта тој кредит ќе го репреговараме, затоа што е недозволиво, на тој начин се уништува претпријатието. Исто така, МЖ-Транспорт има позајмици од МЕПСО, кои, според мене, се направени да го оптоваруваат претпријатието. Зошто е тоа правено во минатото ќе си открие Обвинителството. Врз основа на ревизорските извештаи, кои ги достави ДЗР до мене, повикав полицијата и Обвинителството да го истражат – рече Николоски.

Долготрајното незадоволство со состојбите во „Македонска пошта“ пролетва резултираше со протести и штрајк. Синдикатот на Пошта порача дека ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата во Пошта.

Компанијата, според синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција. Доведени се во прашање над 2.000 работни места. Рече дека по изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор, подобрување на условите за работа и обезбедување средства, бидејќи се соочуваат со тешкотии во работењето.

(С.Бл.)