Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска во Брисел дека неговиот план за постигнување прекин на огнот во Украина за време на божиќните празници е „на маса“ и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да даде изјава дали ќе го прифати планот.
Орбан потсети дека планот се однесува на прекин на огнот за празниците за да се спречи смртта на илјадници млади луѓе на линијата на фронтот, како и размена на воени заробеници.
На прашањето дали планира денеска да има билатерални разговори со Зеленски, Орбан рече дека е „секогаш подготвен“ за сите „разумни“ разговори, пренесе агенцијата МТИ.
Орбан претходно изјави дека Зеленски го отфрлил предлогот на Унгарија до Украина да воспостави примирје со Русија за Божиќ и да изврши голема размена на затвореници, додека Москва отворено го прифатила предлогот.
– Пратеничката група во Европскиот парламент Патриоти за Европа (ПФЕ) е бриселска опозиција и тие имаат за цел да станат мнозинство – рече Орбан по пристигнувањето на состанокот на ПФЕ пред самитот на ЕУ во Брисел.
Тој оцени дека ќе бидат потребни „неколку години“ за да се постигне таа цел.
Орбан истакна дека ПФЕ има за цел да „промени сè“ во Брисел на начин како што тоа го направи новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во САД.
Орбан повика на запирање на илегалната миграција, како и за што побрзо намалување на цените на енергијата со цел европската економија повторно да стане конкурентна.