Италија драстично ги зголеми казните за низа сообраќајни прекршоци, вклучително и оние за возење со над дозволеното ниво на алкохол во крвта, казна што може да достигне 2.200 евра, заедно со шестмесечна забрана за возење.
Казните за возење под дејство на алкохол стануваат повисоки колку е повисоко нивото на алкохол во крвта, а за повеќе од 1,5 промили постои ризик од шест месеци затвор.
Дали зборувате на мобилен додека возите? Во Италија тоа ќе ве чини најмалку 250 евра. Ако го направите повторно, можете да платите до 1400 евра.
Новите правила стапија на сила во саботата. Со построги казни владата на премиерката Џорџа Мелони сака да го намали големиот број луѓе кои годишно гинат на патиштата – околу 3.000.
Измените важат и за странците кои возат по италијанските патишта. Италија е една од најпопуларните дестинации за одмор во Европа.
Не се погодени само возачите на автомобили. Со големи казни се соочуваат и корисниците на електронските скутери, кои се особено популарни меѓу помладите туристи. На пример, возењето без кацига ќе чини 50 евра.
Друго ново правило бара возачите да држат растојание од 1,5 метри при претекнување велосипедисти. Меѓу загинатите во сообраќајот во Италија има и натпросечен број на велосипедисти.
Построго ќе се казнува и паркирањето на места за инвалиди.