Светскиот куп во скијање продолжува во Кицбил, Австрија, а во таа пригода, порталот „Laola1“ направи интервју со поранешниот скијач Марк Бухел (53), роден во Швајцарија, кој го претставуваше Лихтенштајн од раните 90-ти до 2010 година. Две години пред крајот на кариерата, тој го освои супервелеслаломот во Кицбил, со што стана најстариот победник во Светскиот куп со 36 години и 75 дена. Неговиот рекорд беше соборен и зголемен неколку пати во следните сезони од Дидие Куше.

Бухел смета дека Кицбил е врвот на скијачката сезона.

  • Тоа е светиот грал, Вимблдон или Монако на скијањето, изјави поранешниот вицешампион во велеслалом.

Скијачите како Марсел Хиршер и Линдзи Вон се вратија на скијањето оваа сезона по долги години пауза, но Бухел никогаш не размислувал за тоа. По кариерата се занимавал со падобранство, но и на тоа му дошло крајот, па ги исклучил сите опасни активности.

  • Моето големо хоби е гаѓање глинени гулаби. Фасциниран сум и од фотографијата, сè што е соодветно на возраста, порача Бухел.

Тој откри и дека е голем љубител на пивото.

  • Малкумина знаат дека, кога бев активен скијач, оставав лименка пиво во патиките. Кога не водев, одев во шаторот за проверка на опремата, каде што се соблекуваат скијачките чизми и на раат го пиев пивото. Сакам пиво, истакна Бухел, па додаде:
  • И во тоа време бев исклучок. Извинете, но си го ризикував животот. Работата беше завршена и сакав пиво. Не го пиев пред камери, туку тајно се честев.

Бухел додаде дека не ѝ завидува на денешната генерација скијачи бидејќи не можат ништо без некој да ги сними и да го објави на интернет. Тој смета дека на скијањето му требаат интересни натпреварувачи како Мануел Фелер или Марко Одермат, кои нема само да кажат „ќе дадам сè од себе“, туку ќе бидат храбри и ќе кажат „Денес ќе се искачам на подиумот“.

ИЗДВОЕНИ