Пингвините му „одговорија“ на Трамп по воведувањето на царините/ВИДЕО

203

Новата серија тарифи што ја воведе Доналд Трамп предизвика економски потреси и ги шокираше пазарите, но најголемо внимание привлече воведувањето царини за пингвините.

Помеѓу сите сериозни чекори што ги презеде Доналд Трамп, јавноста забележа еден апсурден детал: Трамп воведе и царини од 10 отсто на австралиската територија, која нема човечки жители – само пингвини и фоки.

Станува збор за островот Херд и островите Мекдоналд, едно од најоддалечените места во светот, до кои може да се стигне само со двонеделно патување со брод од Перт, на западниот брег на Австралија.

Иако пингвините и фоките очигледно не извезуваат стока, администрацијата на Трамп одлучи да ги вклучи овие острови со царински мерки за секој случај.

Сепак, „пингвините“ решија да не молчат. Тие му одговорија на Трамп на начин што е соодветен за 21 век – преку социјалните мрежи. На платформата Threads, профилот @PenguinsAgainstTrump веќе има повеќе од 72.000 следбеници.

Описот на профилот гласи: „Не сме сигурни зошто сме царинети. Ние сакаме риби и мразиме фашисти“.

Објавите од тој профил набрзо станаа вирални. Една од најпопуларните гласи: „Што ќе правите, ќе не депортирате? Ние се бориме со мразот со векови“.

„Пингвините“ му се заблагодарија и на гувернерот на Минесота, Тим Валц, кој на шега рече дека Трамп „конечно избрал противник што мисли дека може да го победи – пингвините“.

Ниту корисниците на Х не останаа рамнодушни. Многумина оваа идеја ја нарекоа „генијална“ и предложија пингвините „да го преземат управувањето со монетарната политика“, а шегите за Трамп и пингвините не престануваат со денови.

ИЗДВОЕНИ