Зголемувањето на бројот на заболувања слични на грип  во првата недела од новата година, кога, според извештајот на Институтот за јавно здравје, над 330 граѓани заболеле од грип, речиси за 50 проценти повеќе од претходната недела, како и појавата на човечкиот метапневмовирус (HMPV), најнапред во Кина а неодамна и кај нашиот јужен сосед, Грција, е поводот да разговараме со епидемиологот  при Институтот за јавно здравје, Подрачна единица Гевгелија, д-р Сашко Олумчев.

Во интервју за весникот ВЕЧЕР вели дека годинава пикот на грипот ќе биде малку поместен, барем една недела до десет дена од вообичаеното. – Од крајот на јануари па некаде до половината на февруари се очекува кривата на заболени да го достигне својот врв. Зголемувањата на заболени ќе биде во поголемите градови, што е и нормално, бидејќи таму има јавен превоз, повеќе училишта и градинки, што ќе рече поголем број на контакти. Она што ме радува е што до сега немаме некоја опасна симптоматологија и немаме случаи на кои им е потребна хоспитализација и кислородна поддршка. Што не значи дека нема и да ги има до крајот на сезоната на грипот – вели д-р Олумчев. Ковидот, додава, се бори за „место под сонцето“, но нема сила за да се избори со вирусите кои „одмораа“ во годините кога тој царуваше

– Д-р Олумчев, согласно со последните податоци од Институтот за јавно здравје, како ја оценувате ситуацијата со заболени од грип во Гевгелија, но и во нашата земја?

„Можам да кажам дека во Македонија во моментот имаме низок интензитет на вирусот на грип, и оваа година ситуацијата со грипот е поповолна што се однесува до епидемиолошкиот дел. Кривите на графиконот кои што ни се стандардни и кои се правени врз основа на испитувањата во изминатите 14 години, покажуваат дека оваа година почетокот на сезонскиот грип малку доцни. Картограмот пак ни говори дека имаме пријавено случаи на грип на околу 50 проценти од територијата на Македонија. Висока инциденца имаме само во Дебар, како и изминатите години, поради тоа што се работи за мала општина каде голем дел од населението е на привремена работа во странство. Тие, со своето враќање за новогодишните празници и заедничкото собирање и остварување на блиски контакти со своите роднини и пријатели, придонесуваат  да имаме висока инциденца на заболени во овој град. Што се однесува пак до Гевгелија ситуацијата е мирна, нема пријавено случаи на грип.

Можеби некој ќе рече дека имаме во амбулантите зголемување на бројот на заболени граѓани, меѓутоа, ќе кажам дека не се работи  за сезонскиот грип, бидејќи симптоматологијата на поголемиот дел од овие заболени се разликува од симптоматологијата што ја покажуваат заболените од грип. Другите болести слични на грипот, како што се респираторниот синцијален вирус како и аденовирозите се во пораст и затоа е таа зголемена активност во амбулантите. Во моментот во Македонија, најактивен ни е респираторниот синцијален вирус кој е докажан при обработката на земените примероци од страна на Институтот за јавно здравје, но покрај овој вирус, кај еден дел од позитивните на грип беше докажан типот А(H1). Она што е добро е фактот што поттипот на овој вирус е компатибилен  со типот на вирус кој е присутен во годинешната вакцина за сезонски грип. Тоа значи дека вакцинираните граѓани имаат доволна заштита од сезонскиот грип.“

– Според извештајот на ИЈЗ најголема инциденца на заболени имаме кај децата до пет годишна возраст и кај населението од 16-65 години…

„Тоа е и очекувано, бидејќи најблиските контакти токму таму се случуваат. Прво,  имунитетот кај овие деца се формира до петгодишната возраст, но има разлика во тоа формирање кај генерациите од пред дваесетина години и денес. Имено, порано децата го градеа својот имунитет при секојдневните игри со своите врсници , надвор од својот дом. За жал, денес, поради сè поголемата дигитализација, децата сè помалку излегуваат надвор, се изолираат дома, не остваруваат социјални контакти и кога ќе одат во градинка, без соодветно изграден имунитет, лесно подлегнуваат на овие инфекции. А, кај работоспособното население, исто како и кај децата е присутно собирање во колективите, има блиски контакти и трансферот на вирусот е многу лесен. Што е уште попоразително, најмалку вакцинирани против сезонскиот грип имаме токму кај ова работоспособно население.“

– Како сте задоволни со бројот на вакцинирани од сезонски грип досега?

„За сезоната 2024/2025, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 70.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 10.000 дози на четиривалентна вакцина беа обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for International Vaccine Initiatives). Заклучно со  првата  недела од 2025 година, во Македонија вакцинирани се вкупно 72.273 лица со бесплатна или комерцијална вакцина. Може да се пофалам дека во Гевгелија оваа сезона имаме рекордна бројка на вакцинирани граѓани, околу 2000, што, во однос на минатата година, кога се вакцинираа 1300 граѓани, е зголемување за над 50 проценти. Впрочем со години наназад, би рекол во последните 20 години, бројката на вакцинирани расте, што ни покажува дека вакцината против грипот создава еден солиден имунитет, особено кај хронично болните и кај повозрасната популација.“

– Докторе, кои се вашите препораки за заштита од вирусните инфекции во овој период?

„Препораките се стандардни. Секако, на прво место е вакцинацијата против сезонскиот грип. Никогаш не е доцна за вакцинирање, па дури и во јануари и февруари, затоа што за една до две недели кај вакцинираните се создава имунитетот. Покрај вакцинацијата, не треба да се занемарат и општите мерки за заштита од инфекции. Во големите градови каде што воздухот е загаден, и при високите температури какви што ги имавме до сега, имунитетот слабее, а вирусите најлесно навлегуваат во организмот. Болните треба да останат дома, да се изолираат од членовите на домаќинството, да ја одржуваат температурата под контрола со антипиретици, да пијат доволно течности и да избегнуваат каков било физички напор. Треба да се одржува  хигиена на рацете, да се спие доволно и да се јаде правилно, со внес на витамини.“

– Кога може да го очекуваме пикот на сезонскиот грип?

„Најверојатно, оваа година тој ќе биде малку поместен, барем една недела до десет дена од вообичаеното. Ова поради тоа што со завршувањето на  распустот на учениците, како и со враќањето од зимските центри, ќе се зголемат блиските контакти, така да очекувам пикот да биде од крајот на јануари па некаде до половината на февруари, кога се очекува кривата на заболени да го достигне својот врв. Зголемувањата на заболени ќе биде во поголемите градови, што е и нормално, бидејќи таму има јавен превоз, повеќе училишта и градинки, што ќе рече поголем број на контакти. Она што ме радува е што до сега немаме некоја опасна симптоматологија и немаме случаи на кои им е потребна хоспитализација и кислородна поддршка. Што не значи дека нема и да ги има до крајот на сезоната на грипот.“

-Да Ве прашам, каде „исчезна“ ковидот?

„Ковидот, би рекол јас, се бори за „место под сонцето“. Овие вируси, како грипот, аденовирусот и респираторниот синцијален вирус, кои се „одмораа“ во годините кога ковидот „царуваше“, сега собраа доволно сила па ковидот со нив не може да се избори, и верувам дека е потиснат некаде на страна. Освен тоа, самата хумана популација создаде еден силен колективен имунитет против ковидот на светско ниво, така да не очекувам дека е можно да се случи нешто драматично со ковидот што би резултирало со некаква нова мутација.“

– Во последно време имаше бурна реакција во јавноста кога најнапред во Кина се појави човечкиот метапневмовирус (human metapneumovirus) или скратено HMPV. За што станува збор и има ли место за загриженост?

„Најважно, ХМПВ не е вирус како Ковид-19, кој се појави пред нешто повеќе од пет години, исто така во Кина. Се работи за „стар“ и веќе познат вирус со кој за прв пат се „спријателивме“ во 2001 година. Значи вирусот постои  две и пол децении и  речиси секое дете е заразено од него до петтиот роденден.

ХМПВ спаѓа  во групата на пнеумовируси кој  може да предизвика горно и долно респираторно заболување кај луѓе од сите возрасти, особено кај малите деца и кај луѓе со ослабен имунолошки систем. Многу е сличен на вирусот на мали сипаници и на заушки, па затоа кога и да се појави во циркулација кај нас, штом се работи за вирус од таа фамилија, добро е што речиси  целата наша популација е веќе вакцинирана од морбили и заушки, што значи би имале одредена заштита. ХМПВ не дава некоја сериозна симптоматологија а единствено што го разликува овој вирус од респираторно синцијалниот вирус е зголемената температура.

Не очекувам дека овој вирус, кој можеби  веќе и циркулира  и кај нас може да направи посериозен проблем, бидејќи само кај  2 до 3 проценти од заболените се развиваат долнореспираторни тешкотии. Нема, исто така, голем потенцијал да мутира, познат е третманот на лекување, кој е симптоматолошка терапија, затоа што нема антивирусен лек за него. Сè до сега не е секвенциониран во Македонија, а доколку тоа се случи, ние како епидемиолози ќе го следиме неговиот развој. Да заклучам, место за вознемиреност нема“.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

 

ИЗДВОЕНИ