Во Црна Гора е прогласена тридневна жалост поради масовното убиство во Цетиње во кое загинаа 12 лица, а четворица се тешко повредени. Обвинителката Андријана Настиќ потврди дека во Цетиње се убиени дванаесет лица, а осомничениот Ацо Мартиновиќ се самоубил. Таа извршила увид на шест локации, од кои пет биле на убиствата и на местото каде што осомничениот се застрелал. На две локации убил четири лица, на третата две деца, а на останатите две едно лице. Повредени се четири лица кои се хоспитализирани во Клиничкиот центар.
Мартиновиќ, кој беше во бегство, полицијата го лоцирала недалеку од неговата куќа во Цетиње.
-Откако полицијата го опколи и откако виде дека е во безизлезна ситуација, тој се застрела и почина при транспортот до Клиничкиот центар, изјави ноќеска на прес-конференција директорот на полицијата Лазар Шќепановиќ.
Тој додаде дека напаѓачот убил најмалку дванаесет лица, но можно е да има и повеќе жртви. Четири лица се тешко ранети. Меѓу жртвите има две деца на возраст од 10 и 13 години и сите се најблиски пријатели, кумови и роднини на убиецот.
Мартиновиќ злосторството го започнал во ресторанот „Велестово“ во близина на Спортскиот центар во Цетиње. По инцидентот меѓу него и гостин, тој отишол дома да земе пиштол, се вратил во кафеаната и таму убил четири лица.
Потоа ги убил членовите на неговото семејство и две деца на возраст од 10 и 13 години на три познати локации.
Шќепановиќ изјави дека мотивот за ова досега незабележено злосторство во овој град но и Црна Гора се уште се утврдува.