EPA-EFE/Daniel Dal Zennaro

Тимот на Мекларен побара од својот возач, Оскар Пјастри, да му помогне на тимскиот колега, Ландо Норис, во борбата за шампионската титула во Формула 1.

  • Целокупниот концепт е дека ние сме неверојатно решени да ја освоиме титулата, но сакаме да победиме на вистинскиот начин – изјави директорот на тимот на Мекларен, Андреа Стела, за Би-би-си.

Норис заостанува 62 бода зад лидерот во генералниот пласман, Макс Верстапен од Ред бул, а до крајот на сезоната преостануваат максимални 232 бода. Пјастри е четврти, со 106 бода зад Верстапен.

  • Ние ќе го поддржиме Ландо, но сакаме да го направиме тоа без да правиме премногу компромиси за нашите принципи. Нашите принципи се дека тимот е секогаш на првото место. Спортскиот дух ни е важен во текот на натпреварувањето, а потоа сакаме да бидеме фер кон двајцата возачи – изјави Стела.

Досега, Мекларен им дозволуваше на Норис и на Пјастри да се натпреваруваат еден против друг без мешање на тимот. Промената во политиката за изнаоѓање начини за зголемување на шансите на Норис за освојување на титулата дојде по серијата состаноци меѓу шефовите на Мекларен и возачите, по Големата награда на Италија, во Монца, пред две недели.

Норис беше на пол-позицијата во Монца, но Пјастре го престигна во првиот круг. Потоа возачот на Ферари, Шарл Леклер, се најде меѓу два болида на Мекларен и победи на крајот. Пјастри беше втор, а Норис трет, додека Верстапен го освои шестото место.

  • Она што не сакаме да го видиме повеќе е ситуацијата од Монца, каде што влеговме во првата шикана како први и втори, а излеговме од неа како први и трети, што беше голема штета за тимот. Интересите на тимот се прво место, а тоа се ситуации што, пред сè, треба да ги поправиме, бидејќи, всушност, начинот на кој влеговме на трката во Монца овозможи таков исход – додаде Стела.

Верстапен доминираше во првиот дел од сезоната и оствари седум победи, кога ниту еден возач немаше повеќе од две победи. Но, Холанѓанецот сега е без победа на шест трки, од јуни и од трката во Шпанија, а од Ред бул признаа дека не разбираат зошто има пад во перформансите во споредба со Мекларен, Ферари и со Мерцедес.

Трката за Големата награда на Азербејџан се вози в недела од 13:00 часот.