Петто зголемување за три години, околу 790 вработени во „Саса“ ќе добијат повисоки плати

48

И покрај сите предизвици поврзани со растот на оперативните трошоци и нестабилноста на цените на оловото и цинкот на светските пазари, околу 790 вработени во рудникот „Саса“ и оваа година ќе добијат повисоки плати. Менаџерскиот тим на „Саса“ донесе одлука за ново зголемување на платите во износ од 10 % на основната плата. Ова е петто по ред во последните три години, кое почна да се применува со исплатата на јануарската плата. Заедно со претходните четири покачувања, платите во „Саса“ се зголемени за над 40 % во однос на нивото пред 2022 година.

Со најновото зголемување, „Саса“ успеа да ја задржи позитивната разлика меѓу платите во рудникот и просечната исплатена плата на национално ниво, која беше воспоставена по влезот на компанијата „Централ Азија металс“ (CAML) во „Саса“, во 2017 година. Имено, со ова зголемување, платите во „Саса“ остануваат значително повисоки од националниот просек, а притоа се поголеми и од платите на вработените во сите други рударски компании во земјата.

Истовремено, податоците покажуваат дека од 2017 година до денеска, платите во „Саса“ се зголемени за повеќе од 100 %, а во истиот временски период, според официјалните податоци од државните институции, вкупните трошоци за живот во земјата се зголемени за околу 40 %. Ова покажува дека со досегашното зголемување на платите, „Сaса“ успешно ја штити и ја унапредува благосостојбата на своите вработени, наспроти растот на цените и на животните трошоци во земјава.

„И покрај нестабилноста на цените на пазарот на олово и на цинк, со која се соочуваме во изминатите неколку години, континуираното зголемување на оперативните трошоци и големите инвестиции што ги правиме за да го продолжиме животниот век на рудникот „Саса“, сепак најдовме начин и оваа година да направиме значително зголемување на платите на нашите вработени. Се надеваме дека ова ќе претставува уште една дополнителна мотивација за нашите вработени, која ќе се одрази позитивно на продуктивноста и на вкупните перформанси на рудникот „Саса“, кои се неопходни за негов натамошен одржлив развој и за обезбедување сигурност на работните места – изјави генералниот директор на рудникот „Саса“, Кристофер Колбурн.

Со сите релевантни податоци за работењето на „Саса“, вклучувајќи ја и најновата одлука за зголемување на платите, запознати се и претставниците на синдикалните организации во „Саса“.

ИЗДВОЕНИ