Петтото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи во периодот од 24 до 26 април, на неколку локации во Скопје, и тоа: во Младинскиот културен центар (кино „Фросина“ и Галеријата), во кафе-книжарницата „Буква“ и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје.
Ќе гостуваат поети од пет држави, а ќе настапат и триесетина домашни поети. Од странство доаѓаат автори од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија и од Бугарија. Мотото на годинашниот фестивал е „Од ритам до алгоритам“ („Поезијата е ритам ‒ од срцата в гради до пулсот на градот. / Јазикот е алгоритам ‒ со кодови го храни за смислата гладот“).
Со ова мото, организаторите сакаат да го одбележат јубилејот ‒ пет години Скопски поетски фестивал, но и да го поврзат со големиот јубилеј 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик.
Официјалното отворање е закажано за 24 април, во Младинскиот културен центар, а потоа ќе се одржат неколку поетски читања, поетско-музички перформанси, промоции на книги и мастерклас/работилница за креативно пишување поезија.
Автор на постерот за ова издание на СПФ е Андреј Павлов.