Учесници на Петтата зимска школа на МСМСЈЛК при УКИМ се стотина македонисти од 18 земји од светот. Петтата зимска школа е во знакот на одбележување на големите јубилеи: 80 години од македонската азбука и македонскиот правопис, а ќе се чествуваат и јубиларите, великани на македонската книжевност и култура: Григор Прличев (по повод 195 години од раѓањето), Константин Миладинов (195 години од раѓањето), Анте Поповски (70 години од првата стихозбирка), Ташко Георгиевски и Живко Чинго (90 години од раѓањето)
Огромен интерес кај македонистите од целиот свет предизвика Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, чиешто онлајн издание започна на 27 јануари, а ќе трае до 1 февруари.
-Македонистиката во светот доживува одличен подем, за што сведочи големиот успех на МСМСЈЛК при УКИМ, кој мотивираше досега рекорден број учесници на Петтата зимска школа — стотина македонисти од 18 земји: Австралија, Албанија, Бугарија, Италија, Монголија, Народна Република Кина, Полска, Романија, Руската Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република. Една седмица Скопје ќе биде метропола на македонистиката, а Меѓународниот семинар ќе биде дом и расадник на македонистиката на најновата македонистичка светска седмица, велат оттаму.
На свеченото отворање на 27 јануари се обратиja претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, којашто е покровител на школите на Семинарот, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска.
-Чест е да се биде покровителка на Петтата зимска школа на УКИМ, којашто е репрезент на врвната филологија и културологија. Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика преку која студентите, професорите, научните истражувачи, македонистите, филолозите, културолозите од странските универзитети во светот, имаат можност да ја растат и да ја развиваат македонистиката, да ги усовршуваат македонскиот јазик, литература и култура, посочи Сиљановска-Давкова.
Како што додаде претседателката, македонскиот јазик е суштина на македонскиот ентитет и идентитет, македонската реч, уметничка и научна – отвора нови хоризонти и освојува нови универзуми, а македонскиот мелос, фолклорот, историјата, археологијата – се нашите скапоцени и непресушни извори што ги споделуваме со вас.
Годинава, Програмата на Петтата зимска школа има збогатен концепт со програмски содржини кои ќе ги предаваат еминентни академици, професори, предавачи, истражувачи и лектори од УКИМ. Семинаристите ќе работат во две секции: македонски јазик (на три рамништа: почетно, средно и напреднато) и македонска литература и култура (со Преведувачка работилница за поезијата на Анте Поповски, од која ќе се објави зборник „Анте Поповски – на океан од јазици“).
Петтата зимска школа е во знакот на одбележување на големите јубилеи: 80 години од македонската азбука и македонскиот правопис, а ќе се чествуваат и јубиларите, великани на македонската книжевност и култура: Григор Прличев (по повод 195 години од раѓањето), Константин Миладинов (195 години од раѓањето), Анте Поповски (70 години од првата стихозбирка), Ташко Георгиевски и Живко Чинго (90 години од раѓањето).
Меѓународниот семинар при УКИМ, досега има одржано 57 летни школи и четири зимски школи, на кои учествувале повеќе од 4.300 учесници од над 60 земји, еминентни македонисти, филолози, слависти, балканолози, професори, научни работници, студенти по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети, преведувачи и афирматори на македонистиката. Меѓународниот семинар развива дејност на 11 лекторати по македонистика во 9 земји на странските универзитети, кои поттикнуваат голем големи интерес кај студентите.
-Новата енергија, инвентивност, проактивниот однос, новиот концепт со визија, континуираниот влог во македонистиката на Меѓународниот семинар, поддржани од ректорката Ангелова, од УКИМ и од институциите, резултираа со голем подем на македонистиката во светот и зголемен интерес за школите, додаваат од Меѓународниот семинар за македонски јазик.