Објавен е третиот циклус од програмата „Супер училишта“, која е поддржана од Европската комисија и Германското сојузно Министерство за економска соработка и развој.

Станува збор за програма на размена, која овозможува на учениците да стекнат нови искуства и да запознаат различни култури спроведувајќи заеднички активности со нивните врсници од регионот. Во програмата опфатени се 15 средни училишта од државата кои ќе реализираат заеднички проекти со партнерските училишта од регионот.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на настанот насловен „Запознајте ги суперучилиштата“ што се одржа во Скопје, порача дека оваа програма за училишна размена може да помогне во издигнување на веројатно најважните вредности во моментов,а тоа е толеранција, емпатија, дијалог, соработка, ненасилство и инклузивност.

Таа потенцираше дека со ова се промовира една благородна идеја на заедништво на младите од регионот на Западен Балкан, нешто што е од исклучителна важност.

– Не сум сигурна дека светот што ние возрасните им го нудиме за живот на децата и младите е доволно исполнет со доверба, пријателство, единство и еднаквост. Но затоа пак, овие 15 проекти јасно покажуваат дека младите знаат да се поврзуваат и покрај различностите, а од предизвиците умеат да создадат можност за соработка – додаде Јаневска.

Според неа, дружењето на средношколци од различни држави, не е само споделување на размислувања желби и стравувања, туку и основа за градење примерна и постабилна иднина на овие простори.

– Регионот на Западен Балкан лежи на предрасуди. За нивно рушење и јакнење на довербата за градење на партнерство со различните од себе, неопходно е да влијаеме врз децата и младите системски, преку образованието, но неопходна е и поддршката како од граѓанскиот сектор, така и од меѓународната заедница – потенцираше Јаневска.

Таа изрази благодарност до наставниците и директорите на училиштата кои ги препознаа придобивките да станат „Супер училиште“ и да воспостават соработка и да разменуваат искуства со други училишта во регионот.

– Се радувам на можноста што ќе ја добијат македонските ученици, да се поврзат, да се запознаат и да разменат идеи со врсници од регионот, и на тој начин да изградат трајни пријателства. Изградбата на заедништво, препознавањето на регионот како една целина, препознавањето на различностите како богатство, а не како нешто негативно, е од исклучително значење за целиот регион – додаде Јаневска.

Државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади Фатмир Сабриу во своето излагање на настанот подвлече дека програмата „Супер училишта“ е важен чекор кон создавање на глобално свесни млади лидери.

– Младите луѓе се сегашноста и иднината на нашето општество, а ние мораме да им овозможиме алатки и ресурси за да успеат. Ние, претставниците на институциите, граѓанскиот сектор, професорите, како и родителите, ја носиме одговорноста да им обезбедиме шанса за развој на нивниот потенцијал. Убеден сум дека секој млад човек во себе носи потенцијал, само е потребна поддршка и услови за тој потенцијал да го достигне својот максимум, а тоа значи млади луѓе коиќе бидат креатори на политики, на иновации, на нашето подобро утре – рече Сабриу.

Владимир Ѓорѓевски, раководител на на Локална канцеларија на PSCO во Скопје во своето обраќање на настанот најави дека во рамките на овој проект со училиштата ќе бидат во постојана соработка и ќе ги имплементираат овие програми заедно.

– Тука сме да го одбележиме успехот во нашата мисија на помирување, културна и регионална соработка на училиштата и младите. Тоа е нашата главна цел и затоа сме многу благодарни на ЕУ. Ги потпишуваме договорите со овие 15 средни училишта и веќе сме подготвени за креирање програми, агенди и ќе бидеме во постојана соработка – додаде Ѓорѓевски.