На шест пациенти им е направена трансплантација на кожа, имале трет степен на изгореници

328

Шесте пациенти на кои им е направена трансплантацијата се со трет степен на изгореници, додека кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на неделава се очекува да бидат пуштени на домашно лекување, информираше вчера директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје, Небојша Настов. Но, како што рече тој, ситуацијата е флуидна и може да се смени од час во час. Во врска со пациентите кои се лекуваат во странските држави, Настов посочи дека тие до одредена фаза ќе се лекуваат таму, но, како што рече, потоа ќе треба да се вратат и повторно да бидат сместени во болничките капацитети во земјава, за што, рече, се прават протоколи и координации како ќе оди враќањето на пациентите во зависност од темпото со кое ќе бидат испишувани

На Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје во моментов се лекуваат десет пациенти од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, од кои на шест веќе им е направена трансплантација на кожа поради степенот на изгореници, информираше вчера директорот на Клиниката, Небојша Настов. Како што посочи Настов, шесте пациенти на кои им е направена трансплантацијата се со трет степен на изгореници, додека кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на неделава се очекува да бидат пуштени на домашно лекување. Но, како што рече, ситуацијата е флуидна и може да се смени од час во час.

Во однос на актуелната здравствена состојба на пациентите од болницата од којашто доаѓам, а тоа е Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје, во моментов се хоспитализирани 10 пациенти, од кои на шестмина им е веќе направена трансплантација на кожа заради тоа што тие беа пациенти со највисок степен на изгореници, односно трет степен. Кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на наредната недела, според плановите што ги имаме, иако морам да повторам дека ситуацијата е многу флуидна и може да се смени од час во час, се планираат првите испусти за дома, рече Настов.

Во врска со пациентите кои се лекуваат во странските држави, Настов посочи дека тие до одредена фаза ќе се лекуваат таму, но, како што рече, потоа ќе треба да се вратат и повторно да бидат сместени во хоспиталните капацитети во земјава, за што, рече, се прават протоколи и координации како ќе оди враќањето на пациентите во зависност од темпото со кое ќе бидат испишувани.

– Пациентите кои се лекуваат надвор од земјава до одредена фаза ќе се лекуваат во странските држави кои ни излегоа во пресрет, но во одредена фаза истите тие ќе дојде време кога ќе треба да се вратат во нашата држава и кога ќе треба повторно да бидат сместени во болниците, односно во сите хоспитални капацитети во државата. За таа цел, се прават протоколи и координации меѓу Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и Службата за општи и заеднички работи на Владата во која координација ќе оди враќањето на пациентите во зависност од темпото со кое ќе бидат испишувани од болничките установи од странство, рече Настов.

Прашан за тоа каква е состојбата на шесте пациенти кои се лекуваат во странство и се во критична здравствена состојба, Настов посочи дека ќе има информација по состанокот на Кризниот штаб, кој беше закажан за вчера попладне, бидејќи, како што рече, болниците од странските држави за состојбата на пациентите брифираат еднаш дневно.

Претходно, портпаролката на Владата, Венера Љатифи Азизи истакна дека Владата презела итни мерки за да обезбеди целосна поддршка на сите погодени од оваа трагедија.

 -Покрај оние кои се лекуваат во нашите болници, досега 116 пациенти се лекуваат во странски болници и ги придружуваат 188 членови на семејствата, а сите трошоци ги покрива државата. Државата ги покрива сите трошоци кои вклучуваат: патување, сместување и нивните дневни потреби. Исто така, за секој погоден од оваа трагедија, Црвениот крст нè информираше дека ќе им додели парични средства на семејствата од 150.000 денари, изјави таа и додаде дека распределбата започнува од денеска.

Претходно, во саботата, министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, се очекува во текот на оваа недела пет да бидат вратени во земјава. По тријажата која ќе им биде направена, потенцира, ќе се утврди дали ќе бидат задржани на некои од трите болници во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување.

Во врска со оние пациенти кои се очекуваат идната недела да се вратат во земјава, Таравари рече дека според информациите кои ги добиваат тие дури би можеле да се вратат со комерцијални летови.

– Од Италија се планира еден испис, од Шпанија се планираат два исписа, од Шведска еден испис и од Австрија два исписи. Ова е планот, но не е дефинитивно во понеделник ќе ве известиме точно. Подготвуваме протоколи кои ќе бидат прифатени од Кризниот штаб и објавени транспарентно за да се види како ќе се третираат пациентите. Најпрвин ќе ги примиме во болниците, потоа ќе ги пуштиме дома, рече министерот Таравари.

Таравари нагласи дека шест пациенти се во критична состојба, додека пак, останатите 109 пациенти се во релативно добра состојба. Од пациентите кои се во критична состојба, двајца се лекуваат во Љубљана и четири во Воено-медицинската академија во Белград.

Во земјава моментно се лекуваат 54 пациенти од пожарот, на Клинички центар се 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 11, во Градска општа болница – 10, додека на приватните клиники се лекуваат шест пациенти. Од 116-те хоспитализирани во странство, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се пратени преку директна билатерална помош.

Додека здравствените власти информираат дека се намалува бројот на критични пациенти од пожарот, изминатите денови уште шест лица кои биле присутни кобната ноќ побарале медицинска помош. (В.С.Н.)

На клинички во Белград има 17 пациенти, двајца се на механичка вентилација и двајца оперирани

Директорот на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија во Белград, д-р Милан Стојичиќ, соопшти дека седумнаесет лица повредени во пожарот во Кочани се лекуваат таму, од кои две се на механичка вентилација, а двајца се оперирани. Стојичиќ нагласи дека пациентите се во добра состојба и постоперативно е без проблеми.

-Нивниот постоперативен тек се одвива без проблеми. Наредната недела веројатно ќе бидат оперирани уште пет-шест пациенти. Имам и добри вести, неколку пациенти веројатно ќе можат да бидат префрлени на одделение, бидејќи успешно заздравува нивната респираторна функција, а раните од изгорениците се такви што не бараат престој на одделението за Интензивна нега, изјави тој за РТС.

Тој наведе дека кај пациенти кои веќе се оперирани, процедурата опфаќа отстранување на девитализирано ткиво и покривање со автотрансплантација, што значи дека нивна сопствена кожа се зема од други региони и се пресадува на изгорените места.

На еден пациент ќе му биде извршена нова операција за околу пет дена, на другата рака.

Според него, за оние на кои им претстои операција, нема да бидат потребни донатори на кожа. Што се однесува до закрепнувањето на оние кои биле оперирани, Стојичиќ истакна дека конечниот резултат обично се забележува за 14 дена, а потоа следува фаза на закрепнување со помош на физикална медицина.

ИЗДВОЕНИ