Повеќе од 160.000 Канаѓани потпишаа парламентарна петиција со која бараат од нивната земја да му го одземе канадското државјанство на технолошкиот милијардер Илон Маск, објави денеска „Гардијан“.
До раните утрински часови по локално време, петицијата за одземање на државјанството на Маск ја потпишаа околу 167.000 Канаѓани, а според канадските медиуми, нема индикации дека бројот на потписници наскоро ќе почне да се намалува.
Петиција за одземање на канадското државјанство на Маск, поради неговите блиски врски со американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано ја изразува својата желба Канада да стане дел од Соединетите држави, во Долниот дом покрена Квалија Рид од Британска Колумбија.
За петициите, како онаа што беше покрената за одземање на државјанството на Маск, потребно е да се одобрат 500 или повеќе потписи за презентација во Домот на општините на Канада и потенцијално да добијат официјален одговор од владата.
Маск, кој е роден во Јужна Африка и раководи со американски компании, вклучувајќи ги „Тесла“, „Спејс Икс“ и платформата „Х“, има канадско државјанство преку неговата мајка Маја Маск и го предводи Одделот за владина ефикасност во администрацијата на Трамп.
Петицијата за одземање на државјанството на Маск, поднесена на 20 февруари, го обвинува него, како сојузник на Трамп, „за ангажирањето во активности кои се спротивни на националниот интерес на Канада“.
Во петицијата се тврди дека согласувањето со Трамп го прави Маск „член на странска влада која се обидува да го избрише канадскиот суверенитет“ и го повикува канадскиот премиер Џастин Трудо веднаш да му ги одземе канадскиот пасош и државјанството.
Трамп често го исмејуваше Трудо како „гувернер“, што е позиција шеф на една американска држава и постојано го изразуваше своето мислење во јавноста дека Канада треба да стане 51-та држава на САД.