Советот на ЕУ денеска на предлог на високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас го именуваше данскиот дипломат Петер Соренсен за нов специјален претставник на Унијата за дијалогот Белград-Приштина.
Тој ќе ја преземе функцијата на 1 февруари, бидејќи мандатот на пратеникот во заминување Мирослав Лајчак истекува на 31 јануари.
Претходно, на 24 јануари, амбасадорите на ЕУ го потврдија Соренсен на оваа позиција.
Како што соопшти Советот, задачата на Соренсен ќе биде да го олесни дијалогот што ќе придонесе за сеопфатна нормализација на односите меѓу Србија и Косово и особено за спроведување на Договорот за патот кон нормализација и на Анексот за негова имплементација.
Соренсен, кој е и поранешен шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје, ќе ја преземе новата должност од досегашниот висок претставник Мирослав Лајчак на 1 февруари. Првичниот мандат на Соренсен е во траење од 13 месеци.
Соренсен има тридецениско работно искуство со Западниот Балкан. Од 1995 до 1996 тој беше политички советник на Набљудувачката мисија на Европската заедница во поранешна Југославија, потоа и правен советник на високиот претставник на меѓународната заедница во Сараево и на специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Балканот, како и шеф на Политичкиот оддел и виш советник на претставникот на ОБСЕ во Хрватска.