И оваа новогодишната ноќ не помина без гласната пиротехника и последиците од нејзиното користење. Граѓани од сите градови од земјава коментираат на социјалните мрежи дека пукотниците предизвикувале чувство на страв и атмосферата наликувала како воена зона, слична на таа во Газа. Љубопитноста кај помладите и неинформираноста за опасностите од пукање на петарди одбележаа уште еден новогодишен дочек со црн баланс од повредени деца. Така тринаесетгодишно дете се здобило со тешка повреда на раката предизвикана од петарди за време на новогодишната вечер, информираа од Клиничката болница каде било примено со тешки повреди на ракатата и неподносливи болки од изгорениците. Детето веднаш било оперирано, но во иднина тоа нема да може нормално да ја користи повредената рака бидејќи ќе остане со траен инвалидитет,велат лекарите. „Имавме 13-годишно дете со тешка повреда на раката од петарда. Веќе е оперирано на Детската клиника за хирургија и најверојатно ќе биде со инвалидитет на раката“, изјави директорот на Ургентен центар д-р Игор Мерџаноски.
Но, тоа не е единствениот случај со фатални последици од користењето на петарди. Со полуоткинат прст останал и 32-годишен битолчанец кој се повредил додека палел огномет, на кого лекарите од битолската болница, за среќа успеале да му го спасат прстот.
Само за еден месец на хируршката клиника „Свети Наум Охридски“ во Скопје со повреди од пиротехнички средства се јавиле 50-тина пациенти, најмногу малолетници, на возраст од 12 до 17 години, а дел од нив останале со траен инвалидитет, без прсти на раката. Лекарите за време на новогодишните и божиќните празници кога пукањето на пиротехника добива на интензитет предупредуваат на последиците од нејзино користење.
„Тоа е најверојатно некој тренд, се користат петарди со поголемо барутно полнење и остават траен инвалидитет кај децата“, изјави д-р Небојша Настов, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Освен траен инвалидитет поради откинати прсти, петардите можат да доведат и до оштетување на слухот и видот доколку неправилно бидат испукани. Од година во година нивната гласнот е се посилна, поради поголемото барутно полнење, која пак може да доведе до анксиозност кај луѓето со посебни потреби. Татнежот од некој видови на петарди предизвикува стрес, а може да доведе и до смрт кај животните, на што предуредија и од Зоолошката градина во Скопје. Така, новогодишната ноќ беше кошмар за едно скопско семејство кое иако пријавило во полиција дека од педардите кои ги испукува соседот се вознемируваат домашниот миленик и малолетните деца, сепак однесувањето кое е пркршочно и парично казниво поминало само со предупредување. Казнивоста мора да се зголеми бидејќи кампањите очигледно не ја менуваат некултурата кај граѓаните, се дел од коментирите на социјалните мрежи. Трендот е најмногу присутен кај децата од основните училишта, а попусливоста на родителите и дедовците да купат од тезга петарди за радост на детето не оди во прилог на сузбивање на појавата. Повозрасна скопјанка раскажува дека едвај го преживела стресот од гласната петарда која пукнала како бомба во влезот од нејзината зграда.
Полицијата заплени 13 илјади парчиња пиротехника во скопско
Полицијата секоја година организира предупредувачки кампањи по училиштата од користењето на пиротехнички средства. Но, репресивните мерки се сведуваат на продавачите, а ретко на корисниците. Од почетокот до крајот на 2024 година евидентирани се 25 кривични пријави, а запленети се вкупно 52.806 парчиња петарди, 116 огномети и 166 пиротехнички ракети“, соопштуваат од полицијата. Во последната заплена што се случила на 31 декември одзмени биле 13 илјади парчиња од импровизирана тезга во скопското село Сингелиќ, а во акцијата уапсени биле и двајцата продавачи. Според полицијата, кај едниот биле пронајдени 8 598 пиротехнички средства, а кај другиот 4 641 парче.
Високи казни во регионот
Во сите земји од регионот употребата на петарди е казнива и нивната продажба и употреба за прослави е забранета. Највисоки се казните во Хрватска кои достигнуваат и до 10.000 евра за правни лица, додека граѓаните за физички лица достигнуваат 2.000 евра. Во Македонија минималната парична казна за неовластено пукање петарди е 200 до 500 евра. За тие кои нелегално пуштаат во промет големи количини распрснувачки материјали се закануваат казни затвор од три до десет години. Во Босна и Херцеговина највисоката парична казна за нелегалната пиротехника изнесува 500 евра. Граѓаните во Албанија кои незаконски ќе ги користат за прославите ќе бидат казнети со 600 евра, а родителите кои со малолетни деца пукаат петарди може да бидат казнети со глоба и до 800 евра. Српските власти одредуваат парични казни од 400 до 800 евра, а може да се одреди и казна со исполнување на 40 до 120 часови општокорисна работа. Оваа казнена мерка се применува и за родителите на малолетни деца. Некои европски градови веќе ги заострија казните и за време на прославите користат тивки огномети, односно се гледа распрскувањето на шарените бои на небото, но не се слуша гласноста од испукувањето. (П.А)