Поранешниот советник во Град Скопје, Петар Шапе, преку објава на својот фејсбук-профил, поведе иницијатива Младинскиот културен центар (МКЦ) да го носи името на Андреј Ѓорѓиевски, еден од вокалистите на бендот ДНК, кој на 16 март трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

– Младинскиот културен центар – Скопје да го носи името на прерано починатата музичка ѕвезда Андреј Ѓорѓиески – ДНК. Длабоко фокусирани на меѓусебните партиски, политички и општествени препукувања за тоа која и чија е страната на која најмногу натежнува вината за трагедијата во Кочани, пренебрегнавме еден суштински, пред сè, човечки аспект. Зад сите 59 имиња и презимиња стојат наши најблиски, роднини, пријатели, соседи, сограѓани, кои на многу начини оставија белег на нашите животи, со што засекогаш ја задолжија целата  заедница – стои во објавата на Петар Шапе на Фејсбук.

Тој најави дека во наредниот период ќе поднесе официјален предлог до Советот на Град Скопје, со надеж дека иницијативата ќе биде прифатена едногласно од сите 45-мина советници.

– Андреј беше уметник, хуманист, а, пред сè, ЧОВЕК – вели Шапе во објавата.

Покрај Андреј, во дискотеката трагично го загубија животот уште петмина членови на бендот: гитаристот Александар Коларов, тапанарот Ѓорги Ѓоргиев, придружниот вокал Сара Пројковска, директорот на Центарот за култура во Штип и клавијатурист Филип Стевановски и Мартин Атанасовски, кој настапуваше со бендот како битбоксер.

(С. Би.)

 

ИЗДВОЕНИ