Кога актуелниот американски претседател Доналд Трамп се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Њујорк во септември минатата година, додека сè уште беше кандидат на изборите, тој зрачеше со доверба и тврдеше дека може многу брзо да ја запре војната во Украина.
„Ако победиме, мислам дека ќе го решиме многу брзо“, рече тогаш тој. Колку брзо? Тоа се разликуваше. Неколку дена пред таа средба тој во телевизиска дебата изјави дека „ќе ја реши ситуацијата уште пред да стане претседател“. Притоа, тој го надмина своето претходно ветување од мај 2023 година, кога тврдеше дека ќе стави крај на конфликтот во првите 24 часа од неговиот мандат.
Трамп веќе повеќе од два месеци е во Белата куќа и се чини дека полека му станува јасно дека запирањето на толку комплициран конфликт нема да биде така лесно, пишува Би-Би-Си. Во телевизиско интервју минатиот викенд, тој призна дека бил „малку саркастичен“ кога ветил дека ќе ја заврши војната за еден ден.
Постојат неколку причини зошто работите не одат како што очекуваа Трамп и неговиот тим.
Трамп отсекогаш верувал дека се може да се реши ако седне со друг лидер и постигне договор. Тој првпат разговараше со рускиот претседател Владимир Путин на 12 февруари час и половина и го опиша разговорот како „исклучително продуктивен“. Тие повторно зборуваа на 18 март.
Но, тие повици не го дадоа резултатот што го сакаше Трамп, привремен 30-дневен прекин на огнот. Единственото нешто што успеа да го извлече од Путин беше ветувањето дека Русија ќе престане да ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина.
Меѓутоа, Русија го прекрши само неколку часа подоцна.
Минатата недела Путин за првпат зборуваше за преговорите, дури еден месец по телефонскиот разговор со Трамп. Тој тогаш стави до знаење дека е против американскиот пристап, кој прво бара привремен прекин на огнот, а дури потоа зборува за траен мир.
Наместо тоа, Путин рече дека прво мора да се решат „основните причини за војната“, со кои тој мислеше на проширувањето на НАТО и постоењето на Украина како суверена држава, што Русија го гледа како закана.
Тој постави долг список на прашања и услови што сака да се решат пред да се постигне каков било договор.
Белата куќа заклучи дека пречка за мир е претседателот Зеленски. Западните дипломати признаваат дека и било потребно време на украинската влада да разбере колку светот се променил со доаѓањето на Трамп.
Но, американскиот притисок врз Киев, кој кулминираше со неславната средба во Овалната соба – кога Трамп и неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс го нападнаа Зеленски – потроши многу време и политичка енергија.
Дополнително, тоа дополнително ги затегна односите меѓу САД и Европа, што создаде уште еден дипломатски проблем со кој требаше да се реши. И цело тоа време Путин чекаше на страна и гледаше.
Понудата на Украина првично беше привремен прекин на огнот во воздух и море, што би било полесно да се следи. Но, минатата недела на разговорите во Џеда, САД инсистираа примирјето да го опфати и фронтот долг повеќе од 1.200 километри во источна Украина. Ова веднаш ја искомплицира целата приказна, па Путин одби.
Сепак, дури и договорот за идејата со помалку барања – да се запрат нападите врз енергетската инфраструктура – има проблеми. Деталите од договорот ќе бидат главна тема на преговорите, кои треба да се одржат в понеделник во Саудиска Арабија.
Воени и енергетски експерти подготвуваат списоци на потенцијално заштитени електрани – нуклеарни и други – и ќе се обидат да се договорат кое оружје не треба да се користи.
Но, поставувањето јасни граници меѓу енергетската инфраструктура и другите цивилни цели нема да оди брзо. Исто така, треба да се има предвид дека Украина и Русија не разговараат директно, туку секоја страна преговара со Америка, која потоа пренесува пораки. Ова дополнително го успорува процесот.
Трамп потроши многу време обидувајќи се да преговара за рамковен договор што ќе им овозможи на американските компании пристап до клучните минерали во Украина. Некои го гледаа како инвестиција во иднината на Украина, додека други го гледаа како изнудување на нејзините природни ресурси.
Во почетокот Зеленски инсистираше на тоа дека за ова може да се разговара само кога САД ќе вети безбедносни гаранции за Украина, но Белата куќа одби. Тие тврдеа дека присуството на американски компании и работници ќе биде доволна пречка за Русија.
На крајот Зеленски попушти и се согласи на договор за минерали без никакви безбедносни гаранции. Но, САД не го потпишаа тој договор дури и денес, надевајќи се дека ќе преговараат за подобри услови, па дури и за пристап или сопственост на украинските нуклеарни централи.
Запирањето на војната може да биде неверојатно комплицирано и бавно. Вистина е дека немаше да дојде до оваа точка без притисокот на Трамп, но сè оди многу побавно отколку што тој замислуваше.