Од вкупно хоспитализираните 21 пациент во Скопје по несреќата во Кочани, денеска ќе бидат пуштени пет. Четири пациенти се критични, кај двајца повторно е влошена состојбата. Се уште има и интубирани пациенти во тешка, но не и животно загрижувачка состојба, соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.
Како што рече Таравари на прес-конференција, надвор од државата се 89 пациенти, но двајца се враќаат од Литванија и Шведска. Тие најпрво ќе бидат примени и прегледани во домашните болници од каде биле и испретени, според протоколот ќе бидат задржани 24 часа, а потоа ќе бидат пуштени дома.
За утре нема најава за враќање на други пациенти од странство, но во понеделник, истакна министерот, сигурно ќе се вратат пет.
-Од хоспитализираните, шест се во Клинички центар, шест во Градската болница и пет во ГОБ „8 Септември”, додека четворица се во приватните клиники. Денеска има пет исписи на пациенти кои се во подобра состојба и одат на домашно лекување по што ќе останат вкупно 16, информира Таравари.