„Номагас“ го затвори тендерот за избор на изведувач за гасниот интерконектор со Грција. Проектот е еден од најзначајните инфраструктурни зафати во енергетскиот сектор во државата и во регионот и треба да обезбеди алтернативен извор на природен гас и диверзификација на снабдувањето.
Од „Номагас“ информираа дека до 20 ноември, до кога беше крајниот рок за прием на понудите, се јавиле пет компании, од кои четири странски (две од Италија и по една понуда од компании од Турција и од Србија) и една домашна.
– Тендерската постапка беше отворена, а компанијата што ќе биде избрана ќе има рок од две години за изградба на македонскиот дел од интерконекторот, во должина од 67 километри. Се очекува до крајот на годинава да биде финализиран изборот, како и потпишувањето на потребните договори со компанијата што ќе ги изведува градежните работи, со што, според очекувањата, изградбата ќе започне напролет – велат од „Номагас“.
Во новиот повик беа предвидени 83.653.000 евра за финансирање на интерконекторот. Овој пат постапката беше забрзана за да може, како што најавија од Министерството за енергетика, работите на терен да започнат веќе следната пролет и да завршат за три години.
Средствата за изградба на интерконекторот се обезбедени преку кредити и грантови од меѓународни финансиски институции, меѓу кои Европската инвестициска банка (28,9 милиони евра), Европската банка за обнова и развој (44 милиони евра), инвестициски грант преку ВБИФ (9,9 милиони евра), како и техничка помош (100 % грант) преку програмата VBIF за надзор, инспекциско тело и административна помош за „Номагас“ АД Скопје.
На претходниот повик што беше објавен точно пред една година се пријавија пет заинтересирани страни за негова изградба, евалуацијата на понудите беше во тек, но Европската инвестициска банка, инаку финансиер на проектот и која ја води тендерската постапка, најде техничка забелешка во тендерирањето и им предложи на македонските власти да распишат нов повик.
Причината не беше прецизирана, освен дека тендерските постапки треба да се спроведуваат во целосна согласност со Водичот за набавки на ЕИБ, што подразбира отворен конкурс, правичност и избор на економски најповолна понуда. Или, како што беше протолкувано од домашни експерти, Банката пронашла услов во тендерот кој не е во согласност со нејзините правила, односно било предвидено изведувачи на работите да може да бидат и домашни компании, што, на еден начин, било ограничувачко.
Македонскиот дел е долг 67 километри – од Неготино до Гевгелија, а целиот потег до Неа Месимвриа во Грција е со вкупна должина од 123 километри. Со овој интерконектор, Македонија обезбедува уште една алтернативна врска за обезбедување течен природен гас од идниот терминал во Грција, како и од гасоводот ТАП, кој од Азербејџан, преку Турција, носи природен гас кон Европа. Низ гасоводот треба да се пренесува и водород, со што ќе се придонесе за транзицијата кон зелена енергија и за исполнување на европските стандарди.
(С.Бл.)