Пет години по пандемијата: СЗО повторно бара од Кина информации за потеклото на вирусот корона

43
Фото:википедија

Пет години по почетокот на пандемијата на Ковид-19, Светската здравствена организација повторно побара од Кина да сподели податоци и информации со неа за подобро да го разбере потеклото на корона вирусот.

„Продолжуваме да ја повикуваме Кина да сподели податоци и пристап за да можеме да го разбереме потеклото на коронавирусот. Ова е морален и научен императив. Без транспарентност, споделување и соработка меѓу земјите, светот не може соодветно да се подготви или спречи идни епидемии и пандемии“, се вели во соопштението на СЗО, пренесува Бета.

Здравствената агенција на ОН потсети дека на 31 декември 2019 година, нејзината канцеларија во Кина добила информации од здравствените власти во Вухан за случаи на „вирусна пневмонија“ во градот.

„Во неделите, месеците и годините што следеа, Ковид-19 ги ​​промени нашите животи и нашиот свет“, додаде СЗО.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус неодамна праша дали светот е подобро подготвен за следната пандемија.

„Одговорот е и да и не. Доколку следната пандемија се случи сега, светот сè уште ќе се соочи со истите слабости и ранливости што дозволија Ковид-19 да се шири и да трае толку многу години“, рече тој.

Според него, светот научил и многу болни лекции од пандемијата и презел важни чекори за зајакнување на својата одбрана од идни епидемии и пандемии.

Во декември 2021 година започнаа меѓународните преговори за постигнување договор за превенција, подготвеност и одговор во случај на нова пандемија.

Точно 194 земји-членки на СЗО кои преговараат за договорот се договорија за повеќето прашања, но се во ќорсокак за важни практични аспекти.

Крајниот рок за завршување на преговорите во моментов е поставен до мај 2025 година.

ИЗДВОЕНИ