Песната на над 300 гевгелиски дечиња бадникари го најави големиот христијански празник Раѓањето Христово-Божиќ

134

Бадниковата поворка со над 300 дечиња кои ја пееја старата коледарска песна
„Вечниот бог“, помина денеска, на Бадник, низ улиците во Гевгелија.

Вечниот Бог слегува
и во утробата на Дева се вселува:
Свет, Свет, Свет си Пресвет Господи!

Манифестацијата „Бадникова поворка“ која претставува возобновена православна
традиција на свечено и достоинствено најавување на Христовото рождество, и
оваа година, се одржа во организација на Гевгелиското архиерејско намесништво.

Бадниковата поворка на дечиња, се движеше низ централното градско подрачје,
пеејќи ја божикната песна „Вечниот Бог“ и ги известуваа граѓаните за радосната
вест на Христовото рождество, носејќи ја божиќната ѕвезда што ја симболизира
ѕвездата која ги водела тројцата мудреци до местото каде што бил роден Исус.

Тие ја носеа и специјално украсената пештера на која беше претставено
Рождеството Христово.На крајот, дечињата се вратија во црквата „Свети Кирил“,
каде распеаните коледарчиња беа дочекани и дарувани со најголема љубов, почит
и пригодни пакетчиња, донација од градоначалникот на општина Гевгелија, и од
Гевгелиското архиерејско намесништво.

„За многу години Бадник и нека Бог биде со вас оваа вечер, им посака на сите
учесници во поворката и граѓаните на Гевгелија отец Русе Жекоски во име на
Гевгелиското архиерејско намесништво. Да си побараме, вели тој, прошка едни на
други, и да размислиме и да го славиме Господа Христа, и како што пееја
дечињата денес на Бадниковата поворка, денес сета твар да се радува и
чествува.“

Љ.А.

ИЗДВОЕНИ