Песната „Бордел Танго“ (Brothel Tango) на Кирил Џајковски е употребена во сцена во новата серија на Дизни плус „Дардевил: Роден повторно“ (Daredevil: Born Again) заснована на стрип на Марвел во кои се појавува овој лик. Најновиот пласман на музика од домашниот издавач е направен од страна на македонската издавачка куќа и компанија за лиценцирање музика „Филтер лејбел“.

Песната на Џајковски се појавува во завршната сцена од претпоследната епизода.
-Иако е оригинално напишана за потребите на филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски, „Бордел Танго” одлично функционира и надвор од контекстот на овој филм. Потврда за тоа е неодамнешното вклучување на темата во музичко- балетскиот перформанс „The Waste Land” на престижниот холандски колектив Amsterdam Sinfonieta, заедно со композиции од Стравински, Лејг, Берг и Најман. Оваа композиција ќе биде и дел од репертоарот на големиот концерт со филмска музика од Кирил Џајковски, што ќе се одржи на 15 јуни во Македонската опера и балет, се истакнува во соопштението.
Инаку, оваа телевизиска серија се смета за една од најочекуваните во 2025 година и претставува враќање на малите екрани на ликот на суперхеројот Мет Мердок /Дардевил, слеп адвокат и борец за правда. Во деветте епизоди на серијата се употребени песни од некои од најголемите имиња на светската музичка сцена, меѓу кои и Ник Кејв и Бед Сидс (Nick Cave and the Bad Seeds).