
Прес секретарот на рускиот претседател Владимир Путин Дмитриј Песков потврди дека средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот специјален пратеник Стив Виткоф се одржува зад затворени врати.
„Средбите не се тајна, ова е трета посета на Виткоф на нашата земја. Тој двапати дојде во Москва, денес – во Санкт Петербург… Но, самиот преговарачки процес е затворен процес“, му рекол Песков на рускиот новинар Павел Зарубин во програмата „Москва. Кремљ. Путин“, пренесува руски „Интерфакс“.
Според него, Путин и Виткоф ќе продолжат директно на разговорите што се водат во зградата на претседателската библиотека во Санкт Петербург.
„Преговорите почнуваат веднаш. Обиколка на библиотеката нема да има“, рече Песков.
Тој додаде дека ракувањето меѓу Путин и Виткоф на почетокот на средбата „е сосема нормален показател, ова не е прв пат тие да се сретнат“.
Песков рече дека не е одредено време за оваа средба.
„Тоа ќе се одвива се додека е потребно, а ќе се разговара за различни аспекти на решението за Украина, билатералните односи и нормализацијата на активностите на дипломатските мисии“, додаде Песков.
Претходно прес-службата на Кремљ објави дека средбата меѓу Путин и Виткоф започнала во претседателската библиотека во Санкт Петербург и објави видео од нивното ракување пред почетокот на разговорот.
Последен пат Путин беше домаќин на Виткоф во Москва на 13 март 2025 година, а претходната средба беше одржана на 11 февруари, по што следеше голема размена на руски и американски затвореници, пренесува Танјуг.
Сепак, ниту Кремљ ниту Белата куќа официјално не го потврдија фактот за првата средба. На 23 февруари Виткоф рече дека се сретнал со Путин, но не прецизираше датум.