Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека резултатите од преговорите меѓу руската и американската делегација во Ријад нема да бидат јавно објавени, бидејќи станува збор за технички преговори. Тој нагласи дека преговорите биле детални и дека содржината на тие разговори нема да биде откриена, пренесе РИА Новости.
Песков додаде дека во моментов се анализира извештајот од средбата, по што ќе може да се зборува за можни постигнувања. Според него, контактите меѓу Русија и САД ќе продолжат, но се уште нема информации за дополнителни средби. Исто така, во моментов не се разгледува можноста за преговори меѓу претставниците на Москва, Киев и Вашингтон.
Преговорите се водеа вчера во Ријад, а руската делегација ја предводеа шефот на Меѓународниот комитет на Советот на федерацијата Григориј Карасин и советникот на директорот на ФСБ Сергеј Беседа.
Главна тема беше Црноморската иницијатива, за која разговараа рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп во текот на нивниот последен телефонски разговор.
Карасин рече дека преговорите со американската делегација биле тешки, но конструктивни.
Тој посочи дека ставовите на страните не секогаш се совпаѓаат, туку дека ќе се бара заедничка форма на соработка, особено во однос на војната во Украина.
Карасин, исто така, смета дека преговорите на експертската група би можеле да продолжат.
Како што беше претходно објавено, за време на нивните разговори на 18 март, Путин и Трамп одлучија да започнат технички преговори за прекин на огнот во Црното Море, со целосен прекин на огнот и постигнување траен мир.