Имајќи предвид дека е воспоставена нова динамика во руско-американските односи, можно е Европската унија да го промени ставот кон Вашингтон, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
„Како дополнително ќе се трансформира позицијата на политичарите во Европа, со оглед на оваа ненадејна промена на динамиката на руско-американските односи, ќе видиме, ќе покаже времето“, рече Песков во интервју за ТВ каналот „Русија-1“, пренесуваат руските медиуми.
Песков ги коментираше и зборовите на францускиот претседател Емануел Макрон, кој претходно за француски неделник изјави дека не ја исклучува можноста за продолжување на дијалогот со рускиот претседател Владимир Путин.
„Меѓутоа, францускиот претседател Емануел Макрон сè уште не презел вистински чекори во комуникацијата со рускиот претседател Владимир Путин, и покрај изјавите за неговата подготвеност за дијалог“, рече Песков, пренесе Тас.
Портпаролот на Кремљ нагласи дека Франција, напротив, зазема став „за продолжување на војната со сите неопходни средства“.
Песков рече и дека новата влада во САД ги менува политичките конфигурации во светот и дека заедничкото гласање меѓу Вашингтон и Москва во ОН, што до неодамна беше незамисливо, сега стана реалност, пренесува Танјуг.
Русија и САД се обидуваат да ги подобрат односите, но поради постапките на претходната администрација во Вашингтон, патот ќе биде долг, рече портпаролот на Кремљ, додавајќи дека е можно да се забрза овој процес кога ќе има политичка волја од претседателите на двете земји.