Кремљ вели дека нема шанси за враќање на окупираните територии на Украина
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија нема намера да врати ниту еден дел од окупираната територија на Украина.
-Тоа се територии кои станаа дел од Русија и се вклучени во нашата државна уставна одредба како неотуѓив дел од Русија. Тоа е факт што ние апсолутно не можеме да го негираме или да разговараме, рече Песков на дневниот брифинг со новинарите.
Овие изјави укажуваат и на тоа дека Русија има намера да ја продолжи борбата барем додека не ги преземе сите четири украински региони кои Москва ги смета за свои. Според рускиот устав, Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје се дел од Русија, иако руските сили не ги контролираат целосно овие региони, а Украина и меѓународната заедница ги сметаат за дел од Украина.
Изјавите на портпаролот на Кремљ доаѓаат еден ден откако и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров посочи дека Русија бара целосна контрола врз четирите региони.