Настапот на Perpetuum Jazzile во Скопје е дел од нивната голема европска турнеја.  Публиката во полната сала на македонската Филхармонија со бурен аплауз ја наградуваше секоја изведба на овој состав од четириесетина члена кои на сцената пееја, играа и нè водеа на музичка прошетка низ сите континенти. Присутните имаа можност да ги проследат песните од новиот студиски албум на Perpetuum Jazzile со обработки на некои од најголемите светски хитови

 

Возбудливо двочасовно шоу исполнето со најпознатите светски хитови, стоечки овации, емотивна изведба на Јовано, Јованке, хумор и фантастична конекција со публиката. Вака накратко можеме да го опишеме музичкото патување кое ни го овозможи словенечкиот вокален состав Perpetuum Jazzile, светската музичка атракција која во петокот вечерта во македонската Филхармонија одржа концерт за паметење. Нивниот настап во Скопје е дел од големата европска турнеја.

Публиката во полната сала со бурен аплауз ја наградуваше секоја изведба на овој состав од четириесетина члена кои на сцената пееја, играа и нè водеа на музичка прошетка низ сите континенти. Присутните имаа можност да ги проследат песните од новиот студиски албум на Perpetuum Jazzile „Smells Like…“, со обработки на некои од најголемите светски хитови „We Will Rock You“, “Radio Ga Ga“, „Più bella cosa“, „Suspicious Minds“, „Fix you“, „Man in the Mirror“…

Слушавме коктел од најразлични жанрови, џез, поп, свинг, рок, боса нова, самба, госпел, бидејќи нивниот репертоар вклучува уникатни вокални обработки на светски познати уметници како АББА, Тото, Мајкл Џексон, Квин, Дејвид Гета, Лејди Гага, Earth, Wind & Fire, Били Џоел, Дејвид Боуви, Џони Мичел, Џорџ Бенсон, Би Џиз и други легенди, како и нивни сопствени интерпретации и аранжмани на разни народни песни.

Токму уникатна и атрактивна беше и нивната обработка на македонската народна песна „Јовано, Јованке“, која составот заедно со една од вокалистките ја изведе на голема радоста на публиката, што предизвика и многу емоции.

Во рамките на концертот имаше и повеќе вокални соло изведби кои исто така ја одушевија публиката, а која и сама се најде на сцена. Неколку од присутните во салата добија можност да диригираат со составот, па дури и да заиграат на сцената со вокалистите.

Музиката на Perpetuum Jazzile содржеше и вокални перкусии што вклучува импресивен сет на тапани, звуци и ритми создадени само од устата. Пејачите во нивната изведба ги користеа и рацете, стапалата и другите делови од телото за да интерпретираат секакви звуци, како дожд, бури и други природни феномени, а се пееше на англиски, француски, италијански, германски… Составот ја доби и наградата „Виктор“ во 2008 година, откако нивното видео за песната Африка од Тото стана вирално на YouTube.

Со оглед на нивната долговечност и успех, Perpetuum Jazzile не е само вокален ансамбл, туку вистинска музичка институција. Минатата година тие прославија голем јубилеј – 40 години постоење, во кој беа опфатени 1000 настапи низ светот. Концертите на Perpetuum Jazziile носат позитивни пораки, промовираат теми на единство, радост и креативност.

Така беше и овој пат во Скопје, каде што публиката уживаше во секој момент од нивната изведба. И секако, секој нареден нивен концерт во Скопје ќе биде чекан со нова возбуда. (Д.Т.)