Првиот човек на Македонската кошаркарска федерација, Перо Антиќ, со брутални навреди им одговори на членовите на Иницијативниот одбор, кои пред неколку дена открија дека за реизбор за претседател за Антиќ гласале и неговите роднини и пријатели, меѓу кои и неговиот татко.
- Одговор до загрижените членови на „иницијативниот одбор“ составен од скијач, комарџија, пропаднат кошаркар од јужниот дел на Македонија итн. Во врска со изборното собрание, со еден единствен кандидат – Перо Антиќ, одржано на 29. март, 2023 година. Јасно е дека тие што ги изнесуваат невистинитите написи и ги пласираат во јавноста како скандалозни не го познаваат доволно, ако и воопшто деловникот за работа на Собрание на КФСМ. Кандидат за претседател на Кошаркарска федерација мора да биде писмено предложен од десет претставници на членките на Собранието. Предлогот мора да содржи име и презиме на кандидатот и да биде заверен од страна на членот на Собранието кој го предлага како кандидат. Претставниците на членките со право на глас на Федерацијата, клубови и комисии, ги стекнуваат правата и должностите како претставници во Собранието со верификација на приложено оверено полномошно, со печат на претставникот и потпис на одговорното лице. Полномошното го даваат по своја волја. Полномошно, кое го барате со притисоци, закани и уцени повеќе од половина година, се вели во соопштението.