Многубројни преписки и несогласувања го одбележаа Годишното собрание на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), во кое најмногу се дискутираше за промена на актуелниот претседател Перо Антиќ. Клубовите по секоја цена бараа промена на поранешниот репрезентативец од функцијата, но според Статутот на КФМ, до такво нешто не може да дојде, бидејќи мораат да поминат најмалку две години од реизборот (2023 година) да дојде до негова смена.

Постои евидентно незадоволство од работењето на првиот човек на Федерацијата Перо Антиќ и неговите соработници, поточно има иницијативен одбор за промени кој го предводи долгогодишниот македонски кошаркар Младен Ѓуроски, кој има амбиции да стане прв човек на мак-баскетот.

Поради сето тоа, со свое соопштение се јави и споменатиот Ѓуроски.

  • Перо Антиќ повеќе не е предводник на македонската кошарка, тоа веќе е јасно како ден. Со убедлив резултат 39-7, членките на Собранието на КФМ се изјаснија дека тој повеќе нема кредибилитет да биде на чело на мак-баскетот. Антиќ можеби формално уште ја има функцијата претседател, но го нема тоа што е најважно – легитимитетот од клубовите, кои јасно му дадоа до знаење дека неговото време е минато и дека се потребни нови луѓе, со свежи идеи кои би го кренале овој спорт на далеку повисоко ниво од сега.
  • Тој на собирот, со грубо кршење на деловникот, за момент избегна официјална смена од позицијата на која се наоѓа, но со тоа не се спаси туку само го пролонгира тоа што го сака огромното мнозинство од клубовите во Македонија. На Собранието дури 39 од присутните 46 членки му кренаа „црвен картон“ давајќи му до знаење дека треба да си оди, нешто што порано или подоцна ќе мора да го прифати како реалност. Антиќ мора да си замине и поради тоа што дозволи Собранието да се прекине без усвојување на финансискиот извештај на Федерација, што дополнително може да донесе реперкусии за македонската кошарка, а со тоа и за клубовите кои ја сочинуваат.
  • Нашата борба не застанува тука, таа ќе продолжи сè до моментот кога ќе се испочитува волјата на клубовите. Наша цел не е насилно уривање и правење штета, туку промени во интерес на македонската кошарка, според сите правни и морални норми. Затоа ќе продолжиме легалистички, според Статутот на КФМ и законите на државата, да направиме сè за да се испочитува волјата на клубовите бидејќи сите заедно се бориме за подобро кошаркарско утре.
  • Младен Ѓуроски, кандидат за претседател на КФМ, со членовите на „Иницијативниот одбор“ за промени во КФМ, се вели во соопштението.