ПЕРИНСКИ: Инвестирани над 1,2 милијарди денари во 200 проекти за развој на сите региони

33

Во изминативе 100 дена инвестирани се над 1,2 милијарди денари во речиси 200 различни инфраструктурни проекти во сите осум плански региони низ земјава. Ова го изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински на презентацијата на активностите и проектите од неговиот ресор во изминативе 100 дена од новата Влада.

– Реконструкција и изградба на патишта, адаптација и реконструкција на објекти во енергетско ефикасни згради, реконструкција на објекти од областа на образованието и социјалната и здравствена заштита, подобрување на инфраструктурата на туристичко – излетнички места, се само дел од проектните стратегии кои ги имплементиравме за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните – истакна Перински.

Дел од проектите се имплементираат преку Бирото за регионален развој, некои во соработка со општините, а има и проекти кое се резултат на партнерските односи на Министерството за локална самоуправа со Швајцарската агенција за обнова и развој, како и со проектните партнери на локалната самоуправа како УНДП, ОБСЕ мисијата и Националниот Демократски Институт – НДИ.

Важен сегмент од инвестицискиот план, посочи министерот, се и проектите од ИПА Програмата, во соработка со сите пет соседни земји кои заеднички придонесуваат за развој на пограничните региони.

– Успеавме да детектираме и адресираме многу од пропустите со кои до неодамна се соочуваа општините, што резултираше со подобрување на квалитетот на испорачаните јавни услуги и подобрување на секојдневието на граѓаните –  истакна Перински, кој посочи дека преку Бирото за рамномерен регионален развој, во тековната година се реализираат 129 проекти во области како енергетска ефикасност, инфраструктура, заштита на животната средина и развој на туризмот.