Перински, Ѓорѓиевски, Стефковски водат кампањи додека чекаат Мицкоски и граѓаните да пресечат, СДСМ ќе решава до мај

ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ГИ ТОКМАТ КАНДИДАТИТЕ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

174

Актуелниот министер за локална самоуправа – Златко Перински, градоначалниците на Кисела Вода и на Гази Баба – Орце Ѓорѓиевски и Бобан Стефковски се најспоменуваните имиња за кандидати на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за скопски градоначалник. Тие, изминативе недели, речиси водеа и отворена кампања за својот избор во рамките на внатрепартиската процедура, кој треба да заврши во мај, кога ќе се знаат и најголемиот дел од кандидатите за другите општини. За тоа кој сè ќе биде кандидат за градоначалник на октомвриските локални избори, се чини, решавачка улога ќе има мислењето на граѓаните добиено преку анкетите. Партискиот Извршен комитет неодамна донел заклучок со кој побарал општинските комитети да достават имиња на кандидати за кои би се изјаснувале граѓаните во анкетите. Но, имињата во анкетите може да ги надополнат и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, и самиот Извршен комитет.

– Така составените списоци ќе одат на анкета пред граѓаните, кои ќе се изјаснуваат за нив. Анкетите ќе бидат во сите општини, внатрепартиски, но и со обичните граѓани. Ќе се прават на терен, но и по телефонски пат. На крајот, Извршниот комитет и потоа Централниот комитет ќе ги изберат конечните кандидати. За тоа кој ќе биде кандидат за Скопје или за некоја друга општина, најголеми влијание ќе има мислењето на граѓаните. Таква ни е досегашната практика, но и искуството. Досега, во 90 отсто од случаите, анкетите со граѓаните се покажале како исправни и точно процениле кој кандидат во која општина може да победи – изјави вчера за ВЕЧЕР партиски функционер, кој сакаше да остане анонимен.

И лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, завчера соопшти дека тој, како лидер, и ИК не се откажуваат од статутарното право да предложат свои имиња за кандидати за градоначалници.

– На почетокот од февруари ќе ја започнеме процедурата со интерните анкети за избор на можни кандидати за градоначалници. Сè уште не сме почнале со реализирање на анкетите. Досега траеше внатрешнопартиската и внатрешнокоалициската процедура за номинирање личности. Како претседател на партијата и Извршниот комитет го задржуваме правото да предложиме имиња за кои мислиме дека треба да бидат дел од овој процес на анкетирање, надвор од списокот што е доставен од општинските комитети – рече Мицкоски во текот на посетата на Кочани.

Но, од друга страна, можните партиски кандидати за градоначалник на Скопје веќе не ги кријат своите амбиции. Актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, деновиве изјави дека смета оти предлогот на лидерот Мицкоски ќе биде решавачки.

– Јавно ја искажав мојата амбиција за градоначалничкото место, но, сепак, треба да му дадеме шанса на времето. И околностите во кои ќе се носи одлуката се важни. Верувам дека предлогот што ќе се даде од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до извршните тела во рамките на партијата ќе биде најсоодветното решение. Убеден сум дека тој предлог, кој и да е, ќе биде идниот градоначалник на Скопје – изјави деновиве Перински.

Во интервјуто за весникот ВЕЧЕР што ќе биде објавено во наредниве денови, Перински наведува дека не му е хендикеп тоа што само по неколку месеци сака да ја замени министерската позиција со онаа градоначалничката.

– Во случајов, гледам на работите од поинаков агол. Во изминативе седум месеци, успешно креирам политики што се основа за целиот систем на локалната самоуправа, ги придвижив Министерството и сите осум плански региони на досега неискусено ниво, ги стимулирав сите единици на локалната самоуправа многу попосветено и со поинтензивна динамика да се насочат кон развој на сопствените општини… – рече тој.

Во медиумите, завчера се појавија неофицијални информации според кои Перински бил фаворит за кандидат од страна на лидерот Мицкоски. Но, од друга страна, тие извори наведуваат дека градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најдобро котирал во анкетите кај граѓаните. Ѓорѓиевски вчера остана недостапен на нашите јавувања за коментар. Тој деновиве е во интензивни посети на општините, во својство на претседател на ЗЕЛС и така одржува контакти со граѓаните. Во текот на неодамнешната посета на Шуто Оризари, тој упати и отворени пораки за своја кандидатура за Скопје.

– Најдоброто допрва доаѓа. На Чаир и на Шутка им е потребно да се направи ново поврзување, со што значително би се растоварил и олеснил сообраќајот. Луѓето од левата страна на Скопје имаат сериозни проблеми и предизвици. Во мене тие секогаш ќе најдат поддршка и подготвеност за помош. Скопје повторно ќе биде горд град – изјави тогаш Ѓорѓиевски.

Во партиската база солидно котирал и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски. На својот фејсбук-профил, тој се заблагодари за тоа.

– Тоа се должи на сработеното во изминатиов период и граѓаните го вреднуваат тоа. На Скопје му треба човек што има визија за работа и чест ми е што моето име е едно од имињата што се споменуваат за иден градоначалник – наведе Стефковски.

Паралелно со ова, вицепремиерот Изет Меџити од редовите на „Вреди“ деновиве изјави дека имаат план за заеднички настап на локалните избори со ВМРО-ДПМНЕ.

– За советници во општините ќе тераме секој посебно, бидејќи е пропорционален систем, додека за градоначалници е мнозински систем и таму каде што имаме ние кандидати, ќе бидат поддржани од ВМРО-ДПМНЕ или обратно. Сега, дали ќе биде првиот или вториот круг, тоа е веќе проценка. Целта е владината коалиција да биде апсолутен победник на идните локални избори – рече Меџити, додавајќи дека по изборите ќе се реализира и долгонајавуваниот план на коалицијата „Вреди“ да се спои во една партија.

Од движењето ЗНАМ, кое е дел од владината коалиција, наведуваат дек досега немале никакви разговори за меѓусебна поддршка со коалициските партнери. Оттаму изјавуваат дека се сконцентрирани на формирање нови општински организации во пресрет на изборите, по што ќе следува процедура за потенцијалните кандидати. Нивниот лидер, Максим Димитриевски, неодамна изјави дека сè уште размислува дали повторно ќе се кандидира за кумановски градоначалник.

Во најголемата опозициска партија, СДСМ, најголемиот дел од кандидатите за градоначалници и за советници ќе бидат познати до крајот на април.

– Ставаме силен и голем акцент на нашиот коалициски капацитет. Разговараме со голем број партнери од политичките партии и со независни кандидати. Ова се базира на нашето искуство од преговорите во локалните избори 2021 година. Засега не разговараме со ДУИ. Научивме многу сериозна лекција од коалицирањето со ДУИ, многу работи што ни се удрија од глава. Ќе формираме само принципиелни коалиции, само коалиции базирани на заемно почитување и споделување исти вредности и политики – изјави лидерот Венко Филипче во интервјуто за „Радио Слободна Европа“. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ