Пејачот од групата Нокаут Никола Перевски – Пере, кој денеска полни 47 години напиша емотивна порака полна со тага за трагедијата во Кочани.
„Не ми се пие и пее, не ми се брои години. Децата изгореа во песната, музичарите паднаа на бината. Како ноти што никогаш не добиваат рефрен“ – пишува Пере.
Ова е неговата порака во целост:
РОДЕНДЕН
Денес ми е роденден.
Се сеќавам.
Не те славам.
Ова не е објава,
туку белег со неколку реда
што ме болат.
Не ми се пие и пее,
не ми се брои
години.
Децата изгореа во песната,
музичарите паднаа на бината.
Како ноти што никогаш
не добиваат рефрен.
Некои си отидоа
пеејки.
Други со рацете на жиците.
Сцената ги прегрна
мајка како што не пушта и
кога знае дека губи.
Денес ми е роденден.
но нема што да посакувам.
Освен да го вратат времето
или барем
да престане да пече.