Македонија е среде кампањата за претседателските избори и на кандидатите им остануваат само уште десет денови за убедување на граѓаните да излезат на изборите и да се одлучат за кој претседателски кандидат ќе го дадат својот глас.

Главните теми на седумтемина кандидати се односот кон евроинтеграциите и Уставот, а кампањата се води и околу полемиките што на граѓаните треба да им пружи претседателот, како и кои се начините за борбата против корупцијата и криминалот што како рак-рана беа нотирани и во најновиот извештај на „Фридом хаус“.

Во наредниот денови се очекува кампањата да биде уште пожестока и можеби дополнета со нови рекламни спотови како и митинзи, дебати и гостувања на медиуми, но оценките на јавноста е дека досега сè што се сакаше да се каже е веќе кажано.

Актуелниот шеф на државата и кандидат на СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски, завчера на митинг во Гевгелија уште еднаш порача дека на овие избори се профилираа две различни политички понуди, едната која работи државата да продолжи напред кон ЕУ, и втората која прави сè за да ја врати државата назад во неизвесност. Тој изјави дека најголемата работа што ја направи владејачката политичка партија е влезот во НАТО и дека со тоа конечно го добивме печатот за нашиот територијален интегритет и суверенитет и за безбедноста. Потенцираше дека источниот сосед на земјава покажал неевропско однесување и нè спречил со блокада на европскиот пат, и упати критика дека опозицијата во Македонија со цел што побрзо да дојде на власт, ги блокирала уставните измени и практично не изолира, по којзнае кој пат, на европскиот пат.

„Со нас одењето напред ќе биде загарантирано, нема да биде преку ноќ ќе има тешкотии, ќе има секакви можни предизвици, но овие луѓе имаат демократска матрица во своите глави, не се диктатори, не се автократи. Ние не сакаме, никогаш тоа не сме го правеле, ниту ќе го правиме,  да го малтретираме македонскиот народ и македонските граѓани“, рече Пендаровски.

Актуелниот шеф на државата реагираше на изјавите и на други претседателски кандидати, и рече дека некои од нив се залагаат да се напушти НАТО, и дека се заговара и поништување на Договорот од Преспа, притоа оценувајќи дека тоа е опасен авантуризам и политичка глупост и трагедија, бидејќи ќе останеме целосно сами“,

Одговори и на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за неговиот однос кон жените, наведувајќи дека тој е првиот претседател кој постави жена за аѓутант, во Армијата која е доминантно машка и професија и организација.

Како и да е, политичките стратези не пропуштаат ништо на случајот и се обидуваат да допрат до секој глас и до оние што најтешко се ловат , а тоа се неопределените, па освен со политички пораки се обидуваат да ги поттикнат гласачите и со низа други активности, случувања и ситуации за да се одлучат за кого да гласаат и да излезат пред избирачките места на 24 април.

На митингот на СДСМ актуелниот претседател Стево Пендаровски заигра и оро со граѓаните, а за орото се фати и ексминистерот за здравство Венко Филипче. На митингот на СДСМ пееја Владо Јаневски и Кристина Арнаудова. Пендаровски претходно играше оро и во Берово.

Дел од кандидатите за претседателскиот кабинетот пак вчера освен кон евроинтеграциите и Уставот кампањата ја свртија и кон најновиот извештајот на „Фридом хаус“, каде што се бележи уназадување во демократијата, корупција и криминал, гаѓајќи ги со тие оценки политичките конкуренти.

Кандидатката за претседател која е подржана од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова, изјави дека јавноста треба да се замисли пред фактот дека тие, кои се сместени во највисоките врвови на власта и добиле епитет на корумпирани и криминализирани, сега велат дека ќе ја реформираат Македонија.

– Не бива реформатори од луѓе потонати во корупција и криминал. Не. Ние сме реформаторите, а тие ќе бидат клиентите. Крајно време е овие клиенти во сите области да одговараат. Се разбира пред независно судство, рече Силјановска Давкова.

И Арбен Таравари, кој е кандидат на албанската коалиција Вреди реагираше на најновиот извештај на „Фридом хаус“, и го оцени како вознемирувачки и порача дека системот на корупција, заедно со неговите гласноговорници кои се кандидираат за претседател, мора да се отстрани.

Кандидатот за претседател Бујар Османи од редовите на Демократската унија за интеграција, кој настапува со слоганот европски претседател  пак изјавува дека најважно ќе му биде формирање на меѓународен борд составен од претставници од Соединетите Американски Држави, Европската Унија и во координација со институциите во земјата кои ќе го направат пресертифицирање на сите носители на јавни функции во две насоки, дали имаат некаква поврзаност со руските интереси и дали се вмешани во каква било форма на корупција“.

Максим Димитриевски , од партијата ЗНАМ на прес-конференција пак алармираше за притисоци од власта за кои, како што рече имале за цел да го оттргнат од целосна посветеност на изборниот процес. Посочи дека за неполн месец се соочил со две обвиненија, а со притисоци се соочувале и вработени во јавна и државна администрација, како и граѓани од ниски социјални слоеви.

Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски обвини дека Кандидатите на двете најголеми политички партии во својата кампања само докажуваат дека ќе им бидат продолжена рака во текот на својот мандат.

Билјана Ванковска, која е кандидат на Левица  изјави дека Уставот како највисок правен акт веќе не може да се „крпи“ со оглед дека сега, е „крпеница“, и наликува на фустанот на Пепелашка со безброј амандмани. Се заложи за  носење на нов, модерен современ устав за 21 век за модерна македонска нација е дел од програмата на кандидатката за претседател.

М.С.

Пендаровски прифаќа дуел со сите седум кандидати, нека дојде и Мицкоски!

Актуелниот шеф на државата, кој се трка за втор мандат Стево Пендаровски, денеска порача дека во секое време прифаќа да има политичка дебата, но дека како и пред почетокот на кампањата инсистира да бидат вклучени сите седум противкандидати кои учествуваат на изборите. Притоа, Пендаровски го повика и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да присуствува како осми шпицен кандидат на дуелот.

-Прифаќам дебата со сите седум кандидати каде било и под какви било услови, нека дојде и Мицкоски како осми шпицен кандидат. Но, како што се изјаснив пред почетокот на кампањата инсистирам во дебатите да бидат вклучени сите седум претседателски кандидати потврдени од Државната изборна комисија, објави Пендаровски на Фејсбук.

ДИК ги потврди листите со кандидати за пратеници

ДИК вчера на седница ги потврди листите со кандидати за пратеници на Парламентарните избори.

Утврдени е дека во сите шест изборни единици имаат поднесено листи за пратеници Коалицијата за „Европска иднина“ предводена од СДСМ и Коалицијата, Коалицијата „Храбро за Македонија“ преводена од ГРОМ, ИНТЕГРА и ПЦЕР, Партијата Македонска Ера Трета – македонски независни листи-суверинисти, политичката партија Левица, Коалицијата „Европски фронт“ – преводена од ДУИ и коалицијата, Коалицијата „Влен“ (Вреди), Коалицијата „Твоја Македонија“ преводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Движењето ЗНАМ За наша Македонија. Политичката партија Демократи има поднесено листа пратеници во пет изборни единици,  Аваја во ИЕ 3, 4, 5 и 6, Твоја партија во ИЕ 1, 2, 3 и 4,  Родина Македонија во ИЕ 1, 2, 4 , 5 и 6, а Партијата Единствена Македонија – Европско граѓанско движење има поднесено листа за кандидати за пратеници само за Шестата изборна единица.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, вчера информираше дека партијата Нова алтернатива прави корекции и не е уште комплетирана листата. Исто така, ДИК на завчерашната седница го утврди изгледот на гласачкото ливче за изборите за претседател на  Македонија и за изборите за пратеници. Тоа значи дека редоследот кој беше утврден за идниот шеф на државата, ќе остане и на партиите за парламентарните избори, а ДИК ќе одржи и седница на која ќе се изврши ждрепка за редоследот на гласачкото ливче за Парламентарните избори закажани за 8 мај.