
За жал, за неколку часа еден голем фаворит ќе мора мора да се збогува со трофејот во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони. Ждрепката сакаше во баражот за пласман во 1/8 финалната рунда да се сретнат англискиот премиерлигаш Манчестер Сити и бранителот на тронот, тимот на Реал (М). Првата меѓусебна пресметка на „Итихад“ заврши со минимален триумф на „кралскиот клуб“ од 3:2 иако „граѓаните“ имаа предност од еден гол до 86 минута.
И покрај предноста на шпанскиот гигант тешко е за верување дека се е решено во овој дуел затоа што четата на Пеп Гвардиола знаела да се врати кога предвреме била отпишана. За очекување е Сити да нападне од првата минута преку Кевин де Бруин и Ерлинг Халанд, а контра нападите, предводени од Килијан Мбапе и Винисиус Жуниор, треба да бидат главното оружје на домаќинот.
-Нашата шанса да победиме на Бернабеу е минимална, тоа сите го знаат. Не знам точно колку процентуално, но би рекол помалку од 1 отсто. Тоа е така бидејќи резултатот од првиот натпревар не беше добар за нас. На пет минути пред крајот водевме со 2:1, а загубивме 2:3, па нашите шанси се драстично намалени. Ќе се обидеме да ги искористиме можностите што ќе ги добиеме и да видиме каде тоа ќе не одведе, изјави менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.
Неизвесност се очекува и во Холандија каде фудбалерите на ПСВ прво ќе се обидат да ја анулираат минималната предност на италијанскиот калчо гигант Јувентус.
Преостанатите два натпревари би требало да бидат чиста формалност. Борсуија од Дортмунд со предност од три гола го стартува реванш дуелот против Спортинг од Лисабон, а со иста предност фудбалерите на ПСЖ го стартуваат натпреварот против Брест.
ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА: Реал (М) – Манчестер С. (3:2 прв натпревар), ПСВ – Јувентус (1:2), ПСЖ – Брест (3:0), Борусија Д. – Спортинг Л. (3:0).