
Сезона за заборав на „Итихад“, но менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, има доста „кредити“ кај раководството на клубот, па ќе го води клубот и во наредниот период.
Нема дилема дека ќе биде и повеќе од интересно на „Итихад“ за време на летниот преоден рок затоа што „граѓаните“ планираат да го освежат тимот.
Се очекуваат заминувања, но и нови засилувања во редовите на Манчестер Сити, но Пеп Гвардиола моментално има една голема желба.
Според пишувањата на англиските медиуми, Гвардиола во редовите на Сити го посакува 22-годишниот бразилски стопер Мурило кој оваа сезона експлодира во дресот на Нотингем Форест.
На островот дојде во 2023 година од Коринтијанс, а оваа сезона го игра фудбалот на својот живот и е еден од предводниците на Нотингем, кој е хит на сезоната во Премиершип и до крајот на сезоната ќе се бори за место во Лигата на шампионите.
Моменталната вредност на Мурило е 50 милиони евра и тој има договор со „шумарите“ до јуни 2029 година.
Според островските медиуми, трансферот на Мурило би можел да биде нов рекорд во англискиот фудбал за еден дефанзивец.
Актуелен рекордер е Јошко Гвардиол, кој дојде во Манчестер Сити од РБ Лајпциг во август 2023 година во трансфер вреден околу 90 милиони евра. Сепак, „граѓаните“ сега се подготвени да понудат околу 100 милиони евра за Мурило.
Нема сомнеж дека тоа би била бројка која многу ќе ги израдува сите во Нотингем, но и ќе го направи Мурило најскапиот дефанзивец во историјата на фудбалот.
Дали овој трансфер ќе се реализира ќе дознаеме многу брзо, а можеби ова ќе биде најголемата трансфер приказна за летото што претстои.