Со двата гола против Ипсвич Таун, Фил Фоден, направи импресивен кам-бек по лошиот старт во актуелната сезона. Репрезентативецот на Англија постигна пет гола на последните три натпревари во Премиер лигата. На Манчестер Сити и менаџерот Пеп Гвардиола им е јасно дека сакаат да го задржат плејмејкерот уште долго на „Итихат“, бидејќи актуелниот договор му истекува во 2027 година.
Пеп, исто така, ја искористи одличната изведба против Ипсвич како можност не само да го опсипува Фоден со многу пофалби туку и да направи споредба со Ерлинг Халанд.
“Тој не треба да го напушти Манчестер Сити. Тој може да игра тука многу години и тука да ја заврши кариерата. И покрај неговата возраст, тој веќе играше на толку многу натпревари, постигна голови и асистираше. Има одлична работна етика”, изјави Гвардиола.
За лошиот почеток на сезоната на Фоден често се зборуваше од тренерите и играчите во последните месеци.
„Тој беше сосема поинаков играч. Имаше неколку проблеми, тоа е само човечки. Во долгата кариера има падови, тоа е сосема нормално. Сега сме среќни што сите се среќни и се забавуваат повторно играјќи ја играта!“, додаде Гвардиола.
Норвешкиот интернационалец, Ерлинг Халанд, исто така има 24 години – како и Фоден. Робусниот напаѓач пред неколку дена потпиша договор кој го обврзува со клубот до 2034 година. Новиот договор наводно вреди околу 240 милиони евра, пишуваат англиските медиуми.
Сити размислува за иднината и им дава долгорочни и богати договори на своите млади ѕвезди, а во исто време носи фудбалери кои ќе играат важна улога во иднината.
Официјално е потпишан 20-годишниот дефанзивец, Узбекистанецот Абдукодир Кусанов, кој беше платен 40 милиони евра, а на пат на „Итихат“ е и 25-годишниот напаѓач Омар Мармуш, кој брилјираше во Бундес лигата со Ајнтрахт Франкфурт и кој е купен за 75 мил. евра.