Пензиите ќе се зголемат за 2.500 денари, старосната граница останува непроменета

Во април пензиите ќе се зголемат линеарно за 2.500 денари со тоа пензионерите ќе го добијат вториот дел од ветените 5.000 денари. Македонскиотр премиер рече дека со линеарното зголемување ќе се намали разликата меѓу екстремно сиромашното население и екстремно богатото. Тој уште еднаш увери дека и покрај барањата на Фискалниот совет, Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање. Со ова се согласија и голем дел од експертите кои сметаат дека зголемувањето на старосната граница за пензионирање нема да го реши дефицитот во Пензискиот фонд.  

316

Со мартовската пензија, која ќе им биде исплатена на крајот на март или на почетокот на април, пензионерите ќе го добијат покачувањето од 2.500 денари. Со тоа практично ќе ги добијат 5.000 денари линеарно зголемување, кои им беа ветени во предизборната кампања од ВМРО-ДПМНЕ. Првите 2.500 денари пензионерите ги добија со октомвриската пензија.

-Со линеарното зголемување од вкупно 5.000 денари „ЈВ индексот“ е доведен во некоја си нормала затоа што е намалена разликата меѓу екстремно сиромашното население и екстремно богатото, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во Буџетот за 2025 година предвидени се 105,5 милијарди денари со кои ќе се покрие најавеното зголемување од 2.500 денари. Што се однесува до буџетска дупка во Пензискиот фонд, Мицкоски уверува дека ќе ја има уште шест до седум години додека не почне поробусна исплата на пензиите од Вториот пензиски фонд.

Стабилноста на Пензискиот фонд го наметна и прашањето за зголемување на старосната граница за пензионирање од сегашните 62 години за жени и 64 за мажи на 67 години и за мажи и за жени. Со ваков предлог неодамна излезе и Фискалниот совет.

Во нивното мислење доставено како предлог кон Фискалната стратегија 2025-2029 година се предлага од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти. Според нив, ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период.

И покрај тоа што ова го побараа и од Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, премиерот цврсто стои на ставот дека нема да има зголемување на старосната граница.

-Жестоко се боревме тоа да не се случи освен оние што сакаат да можат да работат до 67 години старост. Застанавме зад правата на граѓаните и работниците. Бараа и зголемување на ДДВ-то и ме прашуваа зошто не го зголемуваме. Се боревме и не го направивме тоа. Бараа и променлив данок, но ние викавме не, данокот ќе си биде рамен. Се боревме и ќе се бориме, рече Мицкоски.

Против предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање се изјаснија и голем број економски експерти.

– Кога станува збор за границата за пензионирање, главното прашање за мене е колку долго луѓето живеат по пензионирањето. Во Македонија, тоа во просек изнесува само 10 години, што е меѓу најкратките во Европа – границата за пензионирање е 63 години, а животниот век е 73. Ако се зголеми границата за пензионирање на 67 години, луѓето би живееле во пензија само 6 години, што веројатно ќе биде најкратко во светот. За споредба, во Австрија луѓето живеат во просек 18 години по пензионирањето – границата за пензионирање е исто така 63 години, но животниот век е 81. Слична е состојбата и во другите земји од ЕУ. Кога животниот век во Македонија ќе се доближи до 80 години, тогаш можеме да размислуваме за вакви промени, но не сега, изјави Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Посочи дека мерката нема да има речиси никаков ефект на краток рок, бидејќи резултатите од зголемувањето на границата за пензионирање се гледаат дури по 10-ина години. Дотогаш, како што рече, проблемите со дефицитот на Пензискиот фонд ќе почнат да се решаваат природно со исплатата на пензии од вториот пензиски столб.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ